(Зло)употреба на слободата на претприемништвото

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Членот 8 од Уставот вели дека темелни вредности на уставниот поредок се слободата на пазарот и претприемништвото. Но, прашањето е колку употребата на оваа темелна вредност почна да се злоупотребува.

Ако не се работи во недела, тоа е загрозување на слобода на претприeмништво, ако не се работи прекувремено, исто така се загрозува идејата на претприемачот, ако се брани трудот, се загрозува слободата на пазарот… Малку карикирано, но така приближно постојано се коментираат законите и мерките што не им одат на рака на работодавачите. Да, членот 8 од Уставот вели дека темелни вредности на уставниот поредок се слободата на пазарот и претприемништвото. Но, прашањето е колку употребата на оваа темелна вредност почна да се злоупотребува.

По речиси цела година „трубење“ дека доаѓа недела-неработен ден, многу изјави од Владата дека овој историски напредок за работниците се договара со коморите и со Синдикатот, откако почна да се применува новото законско право, осамна веста, и тоа соопштена од Уставниот суд, дека Стопанската комора на Северна Македонија ги оспорува измените на законите во врска со недела неработен ден?!

Подносителот, односно Стопанската комора, ги оспорува членовите 4, 5 и 6 од Законот за измени и дополнувања на Законот за трговија. Во овие членови пишува дека  продавниците што се наоѓаат во колективни станбени згради и деловно-станбени згради не можат да почнат со работа пред 6 часот и мора да завршат со работа до 23 часот; дека трговија на големо и трговија на мало не може да се врши во недела, како и на државни празници и други празници што се определени како неработни денови и дека има исклучоци; дека, во спротивно, инспекторите може во рок од 15 дена да го затворат дуќанот, но работодавачот во тој период мора да ги плаќа… Според Стопанската комора, овие одредби се во спротивност со слободата на пазарот и со претприемништвото, со владеењето на правото и начелото на еднаквост од Уставот.

Стопанската комора го оспорува и Законот за изменување и дополнување на Закон за работни односи, исто така како спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Оспорениот закон се однесува на уредување на работата на секторот трговија во недела.

Овие иницијативи биле поднесени во периодот од 10 до 14 јануари, а Уставниот суд извести дека оформил предмети. По оваа вест, јавноста се крена на нозе, Синдикатот се закани со генерален штрајк, а новиот премиер седна на маса со првиот човек на Стопанската комора. По средбата стигна вест од Владата: Во духот на конструктивната соработка, премиерот Ковачевски и претседателот на Стопанската комора Азески се согласија дека на 18 февруари Комората ќе ја повлече иницијативата од пред Уставниот суд во врска со законското решение за недела неработен ден и дека во периодот што претстои ќе се најдат сеопфатни решенија за предизвиците околу спроведувањето на законот. Од Стопанската комора, пак, не се слушна ни збор, а во воздухот остана да лебди она: ќе се најдат сеопфатни решенија за предизвиците околу спроведувањето на законот.

Во една слободна, пазарна економија, за каква што уставно сме се декларирале, не е спорно дека работодавачите треба да имаат слобода во организирањето на работата што ја создале со свои пари, со своја идеја и со свој труд, но целосната слобода би довела до анархија, па затоа се тука законите. И досега, според Општиот колективен договор за стопанството, на работникот му следуваа различни додатоци, меѓу кои и дополнителни 150 проценти за работа на празник. Тоа е и повеќе од сегашните законски измени во кои се вели дека додатокот за трговијата е најмалку 100 проценти, а во дејности во кои е неопходно работењето – 50 проценти. Но сега, за разлика од порано, барем во трговијата е многу повидливо кој плаќа, а кој не плаќа, затоа што се знае кои се исклучоците на кои им е дозволено да работат.

Времето е тешко, неспорно, и за газдите и за работниците. Но, ние не смееме да останеме во зачаурени „наемнички односи“, особено што сите анализи покажуваат дека покуса работна недела, покус работен ден и помали притисоци, создаваат поголема продуктивност, позадоволни работници, а со тоа и „подоходовни“ и посреќни газди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот