Злостор и казна, со поинаков исход

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Овие што во Собранието со години „мотаат чалми“ и „трлаат лен“, со намера по разни парламентарни поводи да ја одложат иднината, а за кои редовно – речиси без исклучок – бидуваат финално надиграни од тенкото мнозинство на власта на теми кои се протегаат од ситни законски корекции, до крупни двотретински реформски зафати (вклучително и промена на Устав), решија да тужат заради она, некни, „скафандерско“ изгласување на финансиската помош за десетици илјади работници и фирми. Тие да се прашуваа, корона-платите ќе стигнеа до работниците не со два месеци задоцнување, туку со две години одложување.

По обичај, нè очекуваат неколку недели на пост-фестум лелекање заради нивниот неуспешен обид за блокирање на пресудната државна помош, со предвидлив политички резултат: на регистарот на обвинувања за власта, покрај целиот дијапазон квалификативи за неспособност и криминализираност, сега и официјално е додаден тероризмот. Тоа значи дека Алан Форд од Левица, конечно, им го испил мозокот. Следната фаза е „По шумама и горама“.

Но, дека односот кон економските и социјалните последици од пандемијата не мора да биде предмет на високопарно политичко лицемерие и постојана меѓупартиска напнатост и натпревар, сведочи сугестијата на една моја пријателка и редовна читателка, која ми пишува за својот едноставен, но мошне интелигентен предлог…

Бидејќи, вели таа, во државава сè уште има бајги луѓе кои не ги почитуваат мерките за заштита од вирусот со одбивање да носат маски или со непромислени групирања за забава, таа предлага средствата собрани од казните што секојдневно ги изрекува државата за нарушување на мерките да се насочат во посебен фонд што ќе се троши исклучиво за издавање на некој вид ваучери што би се делеле на припадниците на целиот „здравствен фронт“ (значи, не само лекарите и медицинските сестри/браќа) за одмор и опоравување од големите напори што ги вложија и сè уште ги вложуваат во справувањето со ужасните здравствени последици од пандемијата.

На тој начин, вели таа, не само што – макар и скромно – ќе им се заблагодариме и ќе им помогнеме на здравствените работници, туку – макар и скромно – ќе помогнеме и на туристичката индустрија во земјава каде би се трошеле таквите ваучери. И сето тоа на директен начин, со јасна врска меѓу казните собрани од оние кои не ги почитуваат правилата, за награда на оние кои се справуваат со последиците од таквото непочитување на правилата.

И духот и содржината на овој предлог, со целата своја едноставност и конструктивност, одразува еден поинаков пристап кон пораките и поуките што треба да се извлечат од здравствената несреќа што нè снајде последнава година. Штета е што некој не се сети за ова барем едно половина година претходно. Бидејќи, во него ја има таа јинг-јанг избалансираност што многумина би ја поздравиле: размислете, можеби ваквиот фонд до сега толку ќе се намалеше, што ќе ги оставеше и здравствените работници со помалку причини да се опорават од напорната работа.

Ако некогаш имало смисла на злосторството и казната да се пристапи на поинаков начин, ова ќе треба да е тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот