ЗЛАТНИ ХЕРОИ: Вардар е новиот европски шампион! (ВИДЕО)

EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Првото водство Вардар го имаше во седмата минута преку Дибиров за 3:2, но веднаш израмни десниот бек на Унгарците, Тонесен.

Во однос на мечот со Барса, пресметката со Веспрем барем во почетните 10 минути донесе многу понеизвесна борба, се играше гол за гол, но почесто водеа „црвено-црните“.

Карачиќ во деветтата минута од бековската позиција се погрижи за 5:4, а по една грешка во нападот на Веспрем од контра казни Дибиров за прв пат плус два на средбата.

При 7:5 хендикеп во редовите на Вардар, Шишкарев незгодно падна, дали стануваше збор за грч или постара повреда, не беше до крај познато. Чупиќ веднаш го замени, а Мораеш во следниот напад на Вардар без проблеми стрелаше за 8:5, а предноста од плус три ја одржуваше брзиот Вардар преку Скубе (9:6) после 15 минути игра на паркетот.

Мораеш на пивотменската линија беше најрасположен, но и Кристопанс започнуваше да праќа „бомби“ кон мрежата на Миклер за 11:7 на семафорот.

Во незгоден момент токму летонскиот „џин“ доби исклучување, но и со играч помалку Вардар погодуваше, овојпат преку Стоилов за 12:9 на нешто помалку од 10 минути до крајот на првото полувреме.

EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Ако против каталонците не му одеше најдобро, затоа против Веспрем блескаше Скубе со своите препознатливи соло акции како „нож“ низ противничката одбрана за враќање на плус четири (13:9).

Повторно анемичен Веспрем во нападите, Вардар секоја шанса паметно ја користеше, во 26. минута Дејвис на 15:10 беше принуден да побара тајм аут кој не помогна многу. На паузата се замина со убава предност од 16:11.

Штербик кој се повреди на дуелот со Келце, настапи од почетокот второто полувреме и чие искуство секогаш многу значи, имаше значаен придонес во опасниот налет на своите тимски колеги кои успеаја за краток период да ја стопат негативата.

Вардар немаше решение за својот поранешен голман кој со своите одбрани како да ги мотивираше играчите на Веспрем да се доближат на минус два (17:15).

Како да се чувствуваше и најавуваше нешто слично од епското враќање од полуфиналето на Вардар против Барселона која на паузата имаше дури седум разлика.

EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Во првите 10 минути нападот на Вардар целосно не функционираше, со само еден гол, а главен „виновник“ беше Штербик.

Беше прекината серијата, во игра влезе Гедбан кој запре еден удар. Терзиќ доби исклучување тоа веднаш го казна Карачиќ за 19:16.

Зачудувачки, но тешко му одеше Вардар во моментите кога имаше еден играч повеќе на теренот. Веднаш силите беа израмнети, бидејќи Стоилов беше испратен на клупата, а Мае беше прецизен од пенал (20:19).

Не се дозволи на 10 минути до крајот на второто полувреме ривалот да израмни, Мораеш уште еднаш со „лоб“ го измами Штербик за 22:20.

Почна некако пак да се стабилизира Вардар, Чупиќ кој секогаш мотивира реализираше седмерец за 24:21 на седум минути до крајот. На неполни две минути Чупиќ во вистински момент повторно како крило, правиот човек стрелаше за 26:23 за точка на натпреварот и славење на втората европска историска титула за Вардар.

Лига на шампиони, финале:

Вардар-Веспрем 27:24 (16:11)

Вардар: Милосављев (12 одбрани), Стоилов 2, Кристопанс 4, Мораеш 6, Карачиќ 3, Скубе 3, Чупиќ 5, Дибиров 3, Шишкарев 1.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот