„Златна камера 300“ за бразилскиот филм „Евридика Гузмао“

„Златната камера 300“ на јубилејното 40. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ му припадна на бразилскиот филм „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“ во режија на Карим Аинуз, чија фотографија ја потпишува француската снимателка Елен Лувар. Станува збор за еден извонреден епски филм што ја следи судбината на две сестри, кои ќе бидат разделени додека се обидуваат да ги остварат своите соништа. За жал, ниедна од нив нема да успее во тоа, но и двете мислат дека барем на другата и е добро и сонуваат за своето повторно обединување.

Оваа 140-минутна мелодрама годинава ја освои главната награда во програмата „Извесен поглед“ во Кан со својата автентичност, одличното градење на карактерите, неверојатниот емотивен израз и исчекување, кое трае до последниот момент. Жирито во Битола, предводено од легендарниот директор на фотографија Ед Лакман, годинашен добитник на почесната „Камера 300“, во своето образложение за доделувањето на наградата напиша: „Поради суптилното користење на боите и силните композиции кои ги откриваат емоциите на ликовите и нè приближуваат до приказната. Елен Лувар маестрално ни ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни“.

Интересно е дека другите две награди, „Сребрената и Бронзената камера 300“ им припаднаа на филмови во чиј фокус е животот и окружувањето на локалните банди. „Сребрената камера 300“ ја доби кинескиот филм „Езерото на дивите гуски“ на Јинан Диао и директорот на фотографија Џинсон Донг, додека „Бронзената камера 300“ му припадна на италијанскиот филм „Пирани“ на Клаудио Џованези и снимателот Даниеле Ципри. Инаку, жирито одлучи да додели и Специјално признание за полската директорка на фотографија Јоланта Дилевска, добро позната на фестивалот и на битолската публика со своите претходни филмови, а овде наградена за рускиот филм „Ајка“ на Сергеј Двортсевој „поради интуитивната употреба на камерата – пристап кој визуелно и драматуршки ја изразува емоцијата на главниот лик“. А и факт е дека целиот филм го носи главната актерка Самал Јесламова, која лани во Кан ја доби наградата за најдобра актерка.

И наградата „Мала камера 300“ за краток филм овој пат и припадна на жена, на Констанца Сандовал од Аргентина, за филмот  „Чудовишен господ“ заради „поетичноста на сликата и суптилното користење на боите во приказната“. Годинава во програмата беше видливо присуството на голем број директорки на фотографија, од кои три ги освоија и наградите, наспроти фактот што во 40-годишната историја на фестивалот почесна „Златна камера 300“ досега нема освоено ниту една жена.

Како што веќе се знае годинешни лауреати на наградите за животно дело се Ед Лакман, на кого „Златната камера 300“ му беше доделена на отворањето, и грчкиот директор на фотографија, Јоргос Арванитис, на кого почесната награда му беше врачена на затворањето. Арванитис е познат по својата соработка со Тео Ангелопулос, Волкер Шлендорф, Агњешка Холанд, Марко Ферери, но и со Горан Паскалјевиќ. „Во текот на речиси шест децении тој осветлил и обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни филмови низ Европа и низ Медитеранот. Во меланхоличниот свет на режисерите доловува јасност со ненадмината елеганција, со својата камера дава текстура и длабочина дури и на сенишните и лаконски ликови“. Наградата на Арванитис, кој по потекло е Влав и чии корени, како што рече, се од тука, му ја врачи директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска.

Осум дена, пет локации, 128 филмски наслови создавани низ цела планета од филмски уметници од над 50 земји во светот, подредени во 14 фестивалски програми. А покрај лауреатите, годинава во Битола беа и: тандемот Фатих Акин и Рајнер Клаусман, чиј разговор беше толку посетен што мораше да биде преместен во големата сала, потоа режисерот Џим Шеридан, како и големиот британски снимател Џон Метисон, па Пол Рене Ростад, претседател на бордот на Асоцијацијата на филмски сниматели (ИМАГО), како и Ерик Готје, минатогодишен добитник на една од наградите… Беше навистина задоволство да се види како се собрани на едно место толку големи имиња, кои се буквално легенди во својата работа и каков респект имаат едни кон други, како доаѓаа на мастеркласите и на филмовите на другиот и водеа многу интересни меѓусебни дискусии.

Тоа на свој начин и го одбележа годинешниот фестивал. Не само затоа што успеа да собере такви имиња, туку и затоа што имаше толку многу значајни настани, кои навистина го подигнаа нивото и го засилија она чувство на вистински и значаен филмски фестивал. Годинава имаше презентација и на кратки филмови од два фестивала, од „Мекал“ во Барселона и од Познањ во Полска, земја во фокус беше Грузија, „Браќа Манаки“ доби уште еден простор, дворот на Музеј и завод Битола, каде што беше поставено отворено кино, беа одржани филмски разговори во организација на Медиа деск Македонија, а во организација на Агенцијата за филм се одржа интензивна работилница за развивање идеи за филм (од програмата LESS IS MORE).

Фестивалот „Браќа Манаки“ се придружи на кампањата „Гласно против гласини“ на ОБСЕ, а се одржа и дебата за ЛГБТИ културата. За првпат беше доделена и награда за документарен филм, која ја доби „За Сама“ на режисерката Ваад ал-Катеаб и снимателот Едвард Вотс, снимен во Алепо, во Сирија. Најголема посетеност имаше за проекцијата на „Медена земја“ кога салата во Центарот за култура се наполни до последното место. Сè на сè, фестивалот се чини дека својот јубилеј го прослави на најдобар можен начин, а како што порача Теодосиевска, нејзиното мото е да останеме љубопитни и да прашуваме за да донесеме светлина, која впрочем на сите нѝ е потребна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот