„Златна бубамара“ за музичкиот амбасадор Симон Трпчески

Во очекување на јубилејното 25. издание на „Златна бубамара на популарноста“ од Штабот на манифестацијата најавија дека „Златна бубамара“ во категоријата „музички амбасадор“ годинава добива пијанистот со светска репутација, маестро Симон Трпчески.

Со својата фасцинантна концертна активност ширум светот, Симон Трпчески веќе одамна дејствува како своевиден музички амбасадор и како амбасадор на севкупната култура на Македонија.

Неговиот проект „Македонисимо“, премиерно изведен пред пет години на фестивал во Лудвигсбург, Германија, е своевидна музичка посвета на Македонија, на македонската народна музика и на луѓето од Македонија. Овие сплетови од традиционални ора и народни песни во специјална пијанистичка обработка и во нов музички аранжман на сите светски концертни сцени, каде Трпчески редовно ги изведува, се примени со овации и долготрајни аплаузи.

Впрочем, на ваков врел прием од публиката Трпчески наидува во сиот период на неговите меѓународни настапи во светот, каде од првиот момент е пропознаена неговата посебна техника и врвната изведба.

Ѕвездените мигови на Трпчески започнуваат по освојувањето на Светскиот милениумски натпревар по пијано во Лондон (Millenium World Piano Competition London), во април 2000 година, додека сѐ уште беше студент на ФМУ во Скопје. Оттогаш наградите постојано се нижат.

Во неговата дводецениска фасцинантна кариера настапувал на најпрестижните концертни сцени во светот и со највлијателните оркестри – од Лондон до Сингапур, од Торонто до Хонг Конг. Снимил 13 албуми за престижни светски музички издавачи, а во неговото портфолио можат да се најдат исклучителни коментари од некои од највлијателните светски музички критичари.

Јубилејната 25. „Златна бубамара на популарноста“ ќе лета под мотото „Да живнеме!“ на 12 мај во живо во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот