Ѕидна уметност: Мурал како подарок од Кралството Холандија на Градот Скопје

Холандскиот муралист Дени Рамбл, со техничка асистенција на Графити шоп „Хром“ и Цветан Неделковски, во два дена наслика два мурали во Скопје и во Тетово. Муралот што неодамна беше насликан на ѕидот на Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје е Омаж на Карел Апл, познат и значаен холандски уметник чија 100-годишнина од раѓањето се одбележа на 25 април оваа година. Муралот е подарок од Кралството Холандија на Градот Скопје. Карел Апл е интересен како уметник, бидејќи не бил само сликар, туку бил скулптор и муралист, работел повеќе различни техники, најчесто со апстрактни мотиви. За разлика од него, младиот холандски муралист Дени Рамбл работи со чисти и векторски форми, што било мотив да се спојат хаосот во уметноста на Епл и чистиот принцип на работа на Рамбл. Заедничко за двајцата е што имаат искрени детски карактери.

– Сакавме да насликаме мурал што ќе биде инспириран од творештвото на Карел Апл, бидејќи е значаен во холандската уметност. Тој бил член на групата „Кобра“, во која членувале уметници од Копенхаген, Брисел и Амстердам. При истражувањето за подготовка на скицата за муралот во Скопје ги прегледував сликите на Апл и од нив преземав неколку елементи и карактери со кои направив моја композиција, која ја реализирав со мојата техника – објасни Дени Рамбл, кој потекнува од Ротердам, а првпат во Скопје.

Дени Рамбл во процес на сликање на муралот во Скопје

Скопскиот мурал ќе влезе во портфолиото на Рамбл, во кое веќе се впишани насликаните мурали во Хонг Конг, Филипини, Шпанија, САД, Велика Британија, Германија, Австрија. Како уметник работи веќе 15 години. На почетокот бил графити-артист, потоа студирал и се занимавал со графички дизајн и илустрации за списанија, но сликањето мурали било негов голем предизвик и веќе шест години е во таа дејност. Најголемиот мурал што досега го изработил се наоѓа во Ротердам и има димензии од 40 метри должина и 15 метри висина.

Финален изглед на муралот на ѕидот на Домот за култура „Кочо Рацин“ во Скопје

Скопскиот графити-уметник Цветан Неделковски веќе десетина години работи на мали проекти со поддршка на Холандската амбасада во Скопје, а истовремено е сопственик на графити шоп „Хром“. Тој е графити-цртач и со таа работа се занимава од 1996 година. Нема формално уметничко образование, но има голема љубов кон цртањето графити и веќе длабоко е инволвиран во таа субкултурна дејност. Досега имал две самостојни и повеќе групни изложби. Има цртано графити во голем формат, а како негова специјалност е цртањето букви. Холандската амбасада му излегувала во пресрет на неговите идеи, а пред две години соработувал со графити-уметниците Мега и Ромео, како гости од Холандија. Со холандскиот муралист Дени Рамбл се запознале пред четири години во Приштина и бил воодушевен од неговиот стил и начинот на кој ги изработува карактерите и графитите.

Цветан Неделковски и Дени Рамбл во процес на сликање на муралот во Тетово

Покрај муралот во Скопје, Дени Рамбл и Цветан Неделковски насликаа мурал и на ѕид во градинка во Тетово.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 78, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот