Зиберај: Дачиќ е дилер на српско оружје за ИД

Ивица Дачиќ /EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Советникот на министерот за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли, Јетлир Зиберај тврди дека шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ стои зад организираниот криминал во Србија и дека продавал оружје за терористичката организација Исламска држава (ИД), јави дописникот на МИА од Приштина.

Зиберај вели дека информациите оти Дачиќ е „човекот од Балканот” кој илегално ја снабдува ИД со оружје, косовските служби ја добиле од извори од меѓународната заедница, кои тврдат дека „една значајна западна држава” покренала истрага против него.

– Ивица Дачиќ е ликот на српскиот организиран криминал. Меѓународните партнери ни кажаа од порано дека Дачиќ е дилерот на српско оружје за ИД и тој е под истрага од една значајна западна држава за тие договори. Годинава тој отпатува во Ирак каде што неговите пријатели упаднаа во проблеми со властите и Дачиќ лобираше за обезбедување пат за српските продавачи на оружје до териториите контролирани од ИД, напиша Зиберај на својата страница на Фејсбук.

Според него, српскиот министер за надворешни работи ги „камуфлирал” своите „криминални активности” со наводната борба против независноста на Косово.

– Ние одамна укажуваме на врските на Дачиќ со продажбата на оружје во разни региони во светот. Ивица Дачиќ објавуваше лажни дипломатски ноти за наводни повлекувања на признавањата на Косово, но, всушност, сета негова кампања беше за обезбедување нови пазари за српските трговци со оружје во Африка и други региони. Камуфлирајќи ја таа цел со наводната борба против Косово, тој собираше политички поени во Србија. Меѓутоа, преку тоа, тој само заработи милиони евра од шверцот. Неговата маска полека се распаѓа и тој ќе заврши во затвор заради тие валкани зделки, тврди Зиберај.

Повод за реакцијата на советникот на Пацоли беше денешната прес-конференција во Белград на потпретседателката на српската опозициска Партија за слобода и правда (СПС) Мариника Тепиќ, која го обвини Дачиќ дека собирал пари од српски бизнисмени и трговци со оружје за повлекување на признавањата на косовската независност. Тепиќ рече дека Дачиќ со ова ја злоупотребил својата функција и изрази уверување дека претседателот на Србија Александар Вучиќ бил запознаен со нелегалните активности на неговиот министер за надворешни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот