„Жолтите комбиња“ во опасен свиок!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Малку ми се чини очајнички обидот во судењето за масовното прислушување повторно да се инсистира на тезата дека, оние за кои обвинението тврди дека го нарачале, го организирале и ги злоупотребувале нелегално добиените снимки, биле и самите, всушност, жртви на прислушување од „некој трет“, мистичен разузнавачки фактор! Така пишувало во извештајот подготвен од некоја израелска фирма, извештај што тие самите го нарачале и го платиле…

Памтите: приказната за „жолтите комбиња“?

Тоа аматерско сценарио се распадна уште истата вечер кога, своевремено, драматично го соопшти на прес-конференција Груевски, а потоа отидоа да го апсат Заев… Денеска знаеме каде е Груевски, каде се оние двајца началници од УБК во Грција, каде е Заев, а каде се оние обвинетите не успеаја да побегнат од Македонија.

Нема ли некој да го подучи Мијалков дека многу подобра стратегија во неговата одбрана би била обидот да докаже дека токму пребеганите, на чело со Грујо, а не тој, ја нарачале и ја спровеле целата операција за масовното незаконско прислушување? Во тој обид за соработка со правдата гледам поголем маневарски простор за обвинетите, ослободени од моралните обврски кон пребеганите кои ги оставија овие во Скопје „на цедило“. Ако така ја постават својата стратегија, и не би морале МНОГУ да лажат. Има многу точни детали и автентични анегдоти што, во своја одбрана, може да ги раскаже главно-обвинетиот кои ни обвинителите, веројатно, не ги знаат.

Од друга страна, на „резервното тркало“ на една нова теорија за „жолти комбиња“ деновиве се гради обидот да се дискредитира СЈО и самата Катица Јанева. Се раскажуваат прикаски за наводни рекети кои треба да ги доведат озборувањата до зацртаната цел во јавноста да се создаде впечаток дека и обвинетите за тешки кривични дела и оние кои ги подигнуваат или кои судат по тие обвиненија, се исти, и дека обвинетите се, всушност, помалку „исти“, бидејќи се недолжни жртви на корумпираниот македонски судски систем кому – следи уште едно појако всушност – треба да му се суди, а не на овие кои се обвинети! Чиста дедукција.

На кратко, треба да му се суди на СЈО, а не на Орце Камчев. Бидејќи човекот е многу паметен и способен, а Јанева е провинцијалка од Гевгелија која му го вратила пасошот за тој да биде уште попаметен и поедуциран.

Ова е прилично империјална и, би се рекло, од аспект на доказите, правно и политички налудничава стратегија. Но, Македонија е во прашање, тајмлес…

Со таква намера е операцијата да се пазари телевизија во Македонија, која ќе шири само вистина и ќе биде ем адут за правно-политички преговори, ем средство за притисок врз СЈО, со ветувања за уреднички позиции и исплата на лукративни договори за оние кои во таквата валкана пропаганда ќе помогнат за остварувањето на таа рекетарска цел. Парите не се проблем, бидејќи ќе дојдат од една соседна држава, ако треба. А и познати политички куртизани, во улога на посреднички и аберџики има во овие приказни, за целата „журка“ да биде убедлива и политички издржана.

Добро. Да речеме дека сите прикаски се точни или дека сите прикаски се неточни – иако е најверојатно дека се полувистинити, што ги прави најнеточни. На крајот, сепак, целата оваа правно-политичко-медиумска бру-ха-ха ќе се распадне како оригиналната теорија за „жолтите комбиња“, бидејќи вистинската причина за нејзиното пропагирање е гнила.

Проблемот е што, додека дојде тој крај, многумина ќе бидат таман толку извалкани и дискредитирани, за сите да заличат на оние кои ја смислиле целата стратегија. А и на оние кои за завршената рекетарска работа ќе се наплатат.

Извор: Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот