Животот на Џек Ма – 10 пати пробал да се запише на Харвард, не можел да најде работа, а денес „тежи“ 40 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Фото Архива

Два пати паднал на приемниот испит на факултет и долго не можел да најде работа. Десет пати пробал да се запише на Харвард и сите десет пати го одбиле. Потоа ја основал интернет компанијата „Алибаба“ со која станал еден од најуспешните и најмоќни луѓе во светот.

Џек Ма пораснал во сиромаштво, а денеска е сопственик на бизнис вреден 460 милијарди долари. Неговото лично богатство се проценува на 40 милијарди долари. Основачот на гигантот во електронска продажба, вчера официјално се повлече од позицијата на извршен претседател на компанијата.

Тој бил роден во 1964 година во Кина, а упорноста и снаодливоста биле особините кои го следеле уште од тинејџерските денови. За да го подобри англискиот јазик, секој ден патувал со велосипедот во хотел каде имало туристи за да разговара со странци и на тој начин учел.

Бил одбиван за различни работни места, помеѓу другото и во КФЦ, кои во таа кинеска доба почнале да отвораат франшизи низ Кина.

„За таа работа, направија 24 интервјуа. Примија 23, а одбиен бев само јас“, раскажал Ма. На крајот се вработил како наставник по англиски, за што примал плата која тогаш не поминувала 12 долари месечно. Се занимавал и со преведување. Започнал компанија за превод, што му овозможило да го посети САД.

Многу рано го препознал значењето на интернетот, а „Чајна пејџес“ во 1995 година бил неговиот прв обид на интернет бизнис. Во некои од тогашните интернет пребарувачи тој напишал „пиво“ и сфатил дека меѓу резултатите не се појавува ниту едно кинеско пиво. Тогаш одлучил да направи интернет фирма за Кина. Со првата компанија не успеал. Ниту со другата. Потоа ги повикал своите 17 пријатели во стан и ги уверил дека можат да вложат во неговата идеја – во кинеска онлајн продажба.

До октомври 1999 година, Алибаба собрала пет милиони евра од американскиот инвестициски гигант Голдман Сакс и 20 милиони долари од Софтбанк, јапонска телеком компанија која инвестирала во технолошката фирма. Потоа во 2005 година, Јаху инвестирале милијарда долари во Алибаба во замена за 40 отсто удел во компанијата. Алибаба во 2014 година излегла на берзата, лансирајќи ИПО, односно иницијална понуда на акции во вредност од 150 милијарди долари. Тоа бил најголемиот ИПО во историјата на берзата во Њујорк.

„Денеска е сурово. Утре уште посурово. Задутре ќе биде убаво“, е животната филозофија која, како што пренесуваат медиумите, го водела целиот живот.

Џек Ма е препознатлив по своите изјави за начинот на кој треба да се работи и како да се успее во животот. Ова се некои од тие изјави:

„Во очите на правиот мајстор нема противник. Ако имате непријател во срцето, цел свет е ваш непријател“.

„Парите не носат среќа, туку одговорност“.

„За да го смениш светот, вложи во младите“.

Ма исто така тврди дека недостатокот од амбиции е причината заради која луѓето немаат пари, како и дека луѓето се неуспешни бидејќи не ги гледаат или ги потценуваат шансите што им се нудат.

Најпознат е по изјавата за работното време

 

Овој милијардер е сепак најпознат по изјавите за работното време. Најпрво, и покрај многубројните критики, тој тврдел дека најидеалното работно време е 12 часа. Тој рекол дека работата од девет наутро до девет навечер, шест дена неделно, е начинот за успех.

Потоа после некое време потполно ја променил „страната“ со изјава дека луѓето во иднината ќе работат четири часа дневно, а можеби и само четири дена неделно.

„Мојот дедо работеше 16 часа дневно на фарма и мислеше дека е презафатен. Ние работиме осум часа, пет дена во неделата и мислиме дека сме презафатени“, рекол Ма, кој е еден од најбогатите луѓе во светот.

Се повлекува на 20 годишнината од фирмата

 

Своето место во водење на компанијата тој ќе го препушти на досегашниот директор Даниел Чанг на 20 годишнината од постоење на компанијата, но во Одборот на директори тој ќе остане до 2020 година.

Џек Ма нема да се повлече во потполно, тој ќе остане доживотен партнер во Алибаба Партнерството, врховната Управа на компанијата, која е составена од 36 партнери, кои ги поставуваат директорите.

Тој во септември минатата година рекол дека пред да наполни 70 години сака да се занимава со други работи, вклучувајќи образование и филантропија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот