
„Животот ѝ е пекол“: Жената што беше измамена од лажен Бред Пит е „немилосрдно малтретирана“ на Интернет
Французинката Ан, која била измамена од страна на измамник кој користел вештачка интелигенција за да се претстави како Бред Пит, му исплатила 830.000 евра. Сега таа страда од „тешка депресија“, е бездомничка без финансиски средства и очајно се обидува да се опорави и да си ги врати парите, откри нејзината адвокатка ексклузивно за „Дејли мејл“.
Препорачано
Адвокатката Лорен Хана од Париз изјави дека нејзината клиентка јавно била етикетирана како глупава и наивна и дека била толку немилосрдно малтретирана на интернет, што морала да ги избрише сите свои профили на социјалните мрежи.
Ан, која поминала низ развод, трипати се обидела да си го одземе животот, вели адвокатката. Пред два месеца била примена во психијатриска клиника, каде што и денес се наоѓа.
Говорејќи оваа недела, Хана го опиша случајот како „ужасен“ и изјави дека била „запрепастена“ од реакциите на социјалните мрежи.
И мајката на Бред Пит, Џејн Ета Пит, била вмешана во сето ова, иако таа самата немала никаква врска со измамата. Наводно, „лажната Џејн“ прво ѝ се обратила на Ан со порака на социјалните мрежи, во која ја замолила да му помогне на нејзиниот славен син, што било дел од манипулацијата за да ја добие нејзината доверба.
Измамникот комуницирал со Ан преку лажни профили на социјалните мрежи, испраќајќи ѝ лажни фотографии и пораки. Во текот на 18 месеци, тој ја убедил да му испрати огромна сума пари за наводно лекување. Тврдел дека боледува од рак на бубрег и дека неговите финансиски средства се недостапни поради замрзнати сметки по разводот со Анџелина Џоли.
Ан добивала песни, фотографии од „актерот“ од болнички кревет, видеа во кои ѝ покажувал медицински уреди околу него, како добива инфузија, сето тоа придружено со изјави за љубов.
За да докаже дека има рак, испраќачот ѝ пратил и е-пошта од „доктор“, во која пишувало дека актерот умира.
Ќерката на Ан ѝ рекла дека разговара со измамник, а не со холивудски заводник, но таа одбила да поверува.
„Ќе видиш кога ќе дојде лично, тогаш ќе се извиниш“, му рекла Ан на својата ќерка, пренесува „Њујорк пост“.
Фасцинираната обожавателка конечно сфатила дека е измамена кога вистинскиот Бред Пит летово бил фотографиран со неговата сегашна партнерка, Инес де Рамон.
Откако сфатила дека е измамена, Ан ја споделила својата приказна во телевизиско шоу „Sept à Huit“ на францускиот канал TF1. Меѓутоа, се соочила со бран исмејувања и сајбер-малтретирање на социјалните мрежи, што довело до повлекување на емисијата од интернет.
Ан изјавила: „Не сум луда ниту глупава“, нагласувајќи дека била жртва на софистицирана измама која користела напредни технологии на вештачка интелигенција.
Бред Пит изразил згрозување од оваа измама, нарекувајќи ја „ужасна“. Неговиот тим ги предупредил обожавателите да бидат внимателни со непознати пораки, истакнувајќи дека тој нема лични профили на социјалните мрежи.
„Се прашувам зошто баш мене ме избраа за да ми нанесат ваква штета“, рекла Ан за измамниците.
„Никогаш никому не сум направила ништо лошо. Овие луѓе заслужуваат пекол“, додала.
По објавувањето на нејзината приказна, ситуацијата на Ан само се влошила, бидејќи станала жртва на сајбер-малтретирање.
Француската телевизиска станица TF1 го повлекла нејзиното интервју поради онлајн-омразата што ја добила, според пишувањата на „Индипендент“. Не е познато дали измамникот е уапсен.