Животниот пат на Бобан Јорданоски: Од дете со пречки во телесниот развој, напуштенo од таткото, до претседател на Мобилност Кичево и најдобар во компанијата

Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива

Се сеќавам на секоја нејзина прегратка и бакнежите, се сеќавам на она нејзиното дека ние можеме сè. Ја познавам нејзината борба да успее да го добие најдоброто за мене, нејзината борба да ме изгради во личноста којашто сум денес.

Во 1986 година, во Кичево, се раѓа Бобан Јордановски како здраво бебе, но поради лекарска грешка, станува дете со пречки во телесниот развој. Неговиот тивок херој е неговата мајка, која според него е најзаслужна за сите негови животни успеси.

Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива

Во тоа време, неговата мајка Липа, живее во вонбрачна заедница со својот избраник и останува бремена. Во седмиот месец од бременоста раѓа здраво машко бебе, но поради предвременото раѓање, бебето е ставено во инкубатор. Отпуштено е од болница како здраво бебе. На негови 6 месеци, мајката забележала дека нешто не е во ред со неговото стапало, па го однела на Педијатарскиот оддел во Битола, каде му е поставена првичната дијагноза – церебрална паралаза кога и „официјално“ станува дете со посебни потреби, со пречки во телесниот развој. Иако, неговиот татко никогаш не бил во официјална заедница со мајката на Бобан, по дознавањето за дијагнозата, си заминува, ги остава и не го признава својот роден син. Мајката Липа, истовремено, води судска битка за докажување на татковството и битка за здравјето на своето дете. Која битка е добиена, а која изгубена?

Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива

Штом нејзиниот син ја нарекува тивок херој, тогаш јасно е дека добиени се и двете битки. По судски налог, направена е ДНК анализа, која го докажува татковството на човекот кој сакал да се откаже од истото. Алиментација плаќал само две години. Подоцна, се оженил и од тој брак има две ќерки, полусестрите на Бобан. Вели дека нема контакти, ниту со него, ниту со нив, иако, поради близината на местото каде што живеат, понекогаш случајно се среќаваат, и продолжува:

– Дека мојот биолошки татко нè оставил, дознав во најраната возраст, но никогаш не ме интересирал тој и неговото „зошто“. Велат дека христијански е да се прости, па нека му е простено. Немам комуникација со него и немам време за неважни личности, но им посакувам сè најдобро. Сепак, оној кој те оставил, те изгубил засекогаш, дециден е Бобан.

Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива

Паралелната здравствена битка, Липа ја продолжува во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, каде почнува да го носи своето осуммесечно бебе на контроли и потоа на физикални терапии. Таму ја дознава вистината за лекарската грешка и точната дијагноза. Бобан е дијагностициран со најлесна категорија – диплегија спастика. Имено, според лекарското објаснување добиено во странство и во „Св. Еразмо“, вакво оштетување на тетивата (над стапалото) може да настане единствено во инкубатор, каде докторите наместиле превисока температура, од која Бобан изгубил воздух. Иако, трошоците за терапиите, државата ги покривала само до тригодишна возраст на детето, мајката не се откажала и продолжила синот да го носи во „Св. Еразмо“ до негови 16 години. До сега има направено три операции на левата нога, односно Ахилова тетива, а денес неговиот инвалидитет е минимален.

– Се сеќавам на секоја нејзина прегратка и бакнежите, се сеќавам на она нејзиното дека ние можеме сè. Ја познавам нејзината борба да успее да го добие најдоброто за мене, нејзината борба да ме изгради во личноста која што сум денес, вели Бобан.

Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива

За да ги покрие трошоците за физикална терапија, мајката на Бобан работела сè за што ќе ѝ се укажело прилика: во конфекција, стаклара, по ресторани за свадби, пицерии, ланч барови. Кога одела на работа, тука биле нејзините родители, бабата и дедото на Бобан, кои внучето го носеле до училиште, го чекале таму за време на часовите и го враќале дома. И останатите роднини помагале за ништо да не му недостасува на ова дете. Основното и средното образование, Бобан го завршува во Кичево, период за кој има убави сеќавања:

– Искрено имав среќа да ме прифатат нормално, секогаш сум бил прифатен од сите, од другари до наставници и професори. Редовно заедно игравме, впрочем „јадев најмногу ќотек на фудбал.“ И цело време ме гледаа како рамноправна личност на себе, а тоа е нешто што ми многу ми значи, вели Бобан.

Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива

Подоцна завршува Правен факултет, а во 2011 станува претседател на Мобилност Кичево и член на управниот одбор на Мобилност Македонија. Во 2014 година, преку оваа организација го започнуваат проектот „Капитени на промени“, проект во кој се обезбедува пристапност до фудбалските терени на лицата со инвалидитет.

Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива

– Благодарност до Мобилност Македонија и претседателот Бранимир Јовановски кој го препозна ентузијазмот на своите членови и подадената рака од ФФМ за фудбалската опрема и адаптирањето на терените за лицата со инвалидитет. Благодарност и до директорот на РЕК Осломеј, господин Златко Пиперкоски кој секогаш успеваше и успева да ми помогне оноколку колку може, па така и за вработувањето во 2016 во ЕЛЕМ, ја искажува својата благодарност нашиот соговорник и продолжува:

Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива

– Во 2018 го почнувам мојот вистински живот и патот кон успехот. Тогаш ги запознавам луѓето кои денеска ги сметам за моја фамилија: Александра, Бојан и Снежана Туманоски – директори на компанија која работи застапништво во осигурување. Моментално буквално дишам и живеам за успехот во оваа компанија, кој веќе е на повидок, бидејќи сум одбран за најдобар оваа година. Тука сакам да цитирам тројца луѓе кои ми ги посочуваат трите најважни работи за успехот. Мојата менторка и сестра Александра често знае да каже: „Какви ти се мислите, таков ти е животот, ако мрачиш – е мрачно, ако светиш – е светло“ Еден од нашите најуспешни директори Владан Витезовиќ, кажува дека „Успеваш тогаш кога сакаш другиот да успее повеќе од тебе.“ И на крај би го цитирал господинот Јован Цветиновиќ, нашата највисока директорска позиција, кој вели дека „Успеал оној кон не се откажал, барајте и ќе ви се даде, тропнете и ќе ви се отвори“.

Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива

Колку и животот да се одвивал во насоки кои Бобан сигурно не ги одбрал за себе и своето семејство, сепак, она што зависело од него, го направил на најдобар можен начин, без никогаш да се откаже. Затоа, неговата порака до лицата со инвалидитет ја пренесува преку зборовите на Достоевски: „Не изгубил оној кој паднал, туку оној кој останал да лежи долу“.

Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива
Бобан Јорданоски
Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот