Животната приказна на Тања Шатановска: Дијабетесот не е нешто од што треба да се плашите

Тања Шатановска / Фото: Приватна архива

„Јас не го доживувам дијабетесот како болест, туку како состојба на организмот во која панкреасот не лачи инсулин. Најважно од сѐ е што никогаш не дозволив ниту еден коментар да влијае на мене, на мојата самодоверба, ниту, пак, да се почувствувам непријатно поради тоа што имам дијабетес тип 1“, вели Тања.

Тања Шатановска имала само шест години кога ѝ бил дијагностициран дијабетес тип 1. Во прв момент, не било лесно да се прифати сознанието дека најмладиот член во семејството се соочува со таква здравствена состојба. По првичниот шок, нејзините родители и сестра ѝ направиле сѐ за да ѝ помогнат на Тања да ја прифати ситуацијата и да научи како да го контролира нивото на шеќерот во крвта.

Денес, Тања има 30 години и со насмевка се соочува со секојдневните предизвици што ги носи дијабетес тип 1. Оваа млада девојка вели дека живее сосема нормално, а дијабетесот ѝ дава дополнителна мотивација да ги доживее сите оние нешта што ги посакува.

Таа е дипломиран економист, а со изучувањето на дигиталниот маркетинг, станала свесна за моќта на социјалните мрежи и блоговите како платформи за пренесување важни пораки. Токму затоа решила да го започне својот блог „Дијабетесот е мојот живот“, на кој пишува за своите искуства со болеста, сѐ со цел да им помогне на сите оние што се соочуваат со истиот проблем.

По повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 ноември, Ви ја пренесуваме нејзината животна приказна.

Тања, како започна Вашата приказна со дијабетес тип 1?

– Мојата приказна со дијабетес тип 1 започна пред 24 години. Првите симптоми ми се појавија на петгодишна возраст. Секоја вечер станував на секој половина час, пиев пет чаши вода и многу мокрев. Иако бев мала, бев свесна дека нешто не е во ред. Дури и секое утро кога се будев, се чувствував ненаспано. Учителките од градинка ги посоветуваа моите родители да ме однесат на лекар. Така, на 16 октомври 1998 година, на шестгодишна возраст ми беше дијагностициран дијабетес тип 1. Нормално, тоа беше голем шок за мене, но и за моите родители.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by #diabetesismylife (@d1abetesismylife)

Децата со дијабетес не се ништо поразлични од своите врсници. Но, како оваа дијагноза влијаеше врз Вашето секојдневие во детските денови?

– Секој почеток е тежок. Лекарите ми рекоа дека морам да внимавам на исхраната и дека морам секој ден да се боцкам со инсулин. Секако дека ми беше многу тешко и често се прашував зошто токму мене ова ми се случува. На деветгодишна возраст, од училиштето ни соопштија дека ќе нѐ носат на еднодневна екскурзија на која сакав и јас да одам. Дотогаш, моите родители водеа грижа за мене, односно тие ми го мереа шеќерот во крвта и ми ставаа инсулин. Како и сите родители, мајка ми и татко ми не сакаа да ме спречат во дружбата со пријателите, па затоа ме седнаа и ми објаснија дека за да одам на екскурзии, морам самата да го мерам шеќерот и да инјектирам инсулин. Јас во тој момент, го земав инсулинот и апаратчето за мерење шеќер и им реков: „Во ред, ајде научете ме како да се боцкам и да го мерам сама шеќерот“. Тоа беше моментот кога започнав самата да водам грижа за себе и да имам постојана контрола врз дијабетесот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by #diabetesismylife (@d1abetesismylife)

Живееме во општество со многу стереотипи и предрасуди. Дали некогаш сте се нашле во ситуација во која сте се почувствувале непријатно поради тоа што имате дијабетес?

– Се сеќавам на една ситуација во која едно дете гласно кажа да бегаат од мене бидејќи имам дијабетес. Во тој момент сите деца што беа околу мене, се разотидоа. Јас останав зачудена и им објаснив: „Дијабетесот не е заразен. Да беше, досега сите ќе имавте“. Исто така, при разговор со луѓе, често се случувало да ми потенцираат дека имам болест. Јас не го доживувам дијабетесот како болест, туку како состојба на организмот во која панкреасот не лачи инсулин. Најважно од сѐ е што никогаш не дозволив ниту еден коментар да влијае на мене, на мојата самодоверба, ниту, пак, да се почувствувам непријатно поради тоа што имам дијабетес тип 1.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by #diabetesismylife (@d1abetesismylife)

Ова е нешто со кое се соочувате повеќе од две децении. Како се чувствувате денес и колку дијабетесот влијае врз квалитетот на Вашиот живот?

– Јас се чувствувам одлично. Дијабетесот ме научи на самоконтрола, односно на редовно мерење на шеќерот во крвта, јадење здрава храна и редовна физичка активност. Исто така, научив редовно да го контролирам своето здравје и да контролирам сѐ што е поврзано со дијабетесот и компликациите што тој може да ги предизвика. Многу често се шегувам на своја сметка, а често и добивам креативни подароци поврзани со дијабетесот.

Шеговит роденденски подарок којшто го добила од колегите на работа / Анимација: Приватна архива

Исхраната игра голема улога во регулирањето на шеќерот во крвта. Како изгледа Вашето дневно мени во повеќето од деновите?

– Според мене, смеам да јадам сѐ. Нормално, одредена храна како слатките работи и таа што содржи висок гликемиски индекс треба да се јаде поретко и во помали количини. Јас најчесто консумирам смутиња, ’ржан леб, манџи, риба, а секако и многу сакам да јадам салати. И за крај, не смеам да ги изоставам и слатките работи без додаден бел шеќер, кои во последните неколку години ги правам сама.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by #diabetesismylife (@d1abetesismylife)

Веќе неколку години учествувате на Скопскиот маратон. Колку физичката активност Ви помага во подобрувањето на здравствената состојба?

– Физичката активност помага за намалување на крвниот притисок, подобра контрола на тежината, за посилни мускули и коски, повеќе енергија, намалување на анксиозноста, подобро расположение и спиење, за општо добро здравје и душевен мир. Вежбањето помага срцето да се одржи здраво и силно. За луѓето со дијабетес има и дополнителна корист – се намалува нивото на шеќер во крвта. Пред секоја физичка активност, па дури и пред секој маратон, постојано го проверувам шеќерот во крвта пред и по вежбањето или трчањето за да бидам сигурна дека е во граници на нормала. Секогаш со себе носам течна гликоза, бонбони или сок со шеќер во случај да ми падне шеќерот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by #diabetesismylife (@d1abetesismylife)

Пандемијата со коронавирусот е сѐ уште во тек, а лицата со оваа здравствена состојба спаѓаат во ризичната група пациенти. Какво беше Вашето искуство?

– Јас, за жал, двапати го прележав коронавирусот и покрај тоа што имав примено две вакцини. Првиот пат беше во април минатата година. Тогаш имав потешки симптоми – 10 дена имав висока температура, чувствував малаксаност, болки во мускулите, затнат нос и изгубив мирис и вкус. За жал, откако прележав, не чувствувам ништо кога ми паѓа шеќерот. За да спречам да имам чести падови, почнав да го користам сензорот „FreeStyle Libre 2“, кој овозможува да поставам аларм доколку шеќерот почне да паѓа под одредена вредност или, пак, да се качува над одредена вредност. Оттогаш, постојано го држам во граници на нормала, дури и просечниот шеќер во изминатите неколку месеци ми е под 6 mmol/L. Вториот пат го прележав во јули годинава, но, за среќа, со многу полесни симптоми и пократко траење.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by #diabetesismylife (@d1abetesismylife)

Како дојдовте до идејата да започнете блог на кој ќе ги споделувате Вашите искуства поврзани со дијабетесот?

– Идејата да започнам свој личен блог (diabetesismylife.com) претставува комбинација од желбата да им помогнам на другите луѓе што за првпат се соочуваат со дијабетесот или имаат дијабетес и желбата да учам дигитален маркетинг. Досега, преку моето искуство со блогот успеав да им помогнам на многу лица со дијабетес, особено во процесот на прифаќање на оваа состојба и учење како да живеат со неа. Од пред неколку месеци работам и како креатор на содржини во ИНСУЛИНСКА ПОРТА – првата веб-платформа, проект на БАЛАНС МК – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија, со широк спектар теми поврзани со дијабетес на македонски јазик. Тука може да ги најдете сите информации, совети, препораки и вести поврзани со дијабетесот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by #diabetesismylife (@d1abetesismylife)

Дали имате некоја порака до нашите читатели што се соочуваат со дијабетес?

– Мојата порака до сите лица со дијабетес е да не се плашат од оваа состојба. Чекорете напред, остварете ги сите важни желби и соништа и зграпчете ги сите можности што ви ги пружа животот. Сѐ што треба да направите е да имате редовна контрола на дијабетесот, редовно да го мерите шеќерот во крвта, да ја користите соодветната инсулинска терапија, да се храните здравo и да сте физички активни. Само така ќе имате и здрав и среќен живот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by #diabetesismylife (@d1abetesismylife)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот