Животната приказна на „проколнатиот“ поет кој и 130 години по смртта добива писма од обожавателите

И понатаму сум жив, иако моето проклетство е вечно. Човек кој намерно ќе се осакати себеси навистина е проклет, зарем не? Верувам дека сум во пеколот, значи, во пеколот сум, напишал Артур Рембо. 

Артур Рембо е еден од „проколнатите“ поети, кој остави неизбришана трага врз влијанието на модерната литература.

Исто како и Бодлер, и Рембо израснал без татко кој ја напуштил фамилијата. Неговата мајка, силна и самостојна жена, сите амбиции ги вложувала во малиот Артур.

Семејството на мајка му било добростоечко, но и боемско. За детството на Рембо е исплетен цел мит, поткрепен од приказните за неговата исклучителност. Приказната вели дека бебето Рембо се стркалало на подот од перницата и почнало да лази кон вратата. Кога мајка му се вратила од пазарување, го затекнала детето на дадилката како лежи во креветот на Артур, облечено во облеката на Артур, а Артур пак гол и валкан безгрижно си играл во шпаизот.

Кога Артур имал 6 години, татко му иритиран од ставот на својата сопруга децата да ги воспитува сама дома, заминал на нова воена мисија и така го напуштил семејството. Рембо останал потполно под влијанието на својата авторитативна мајка, строг католик, која децата ги одгледувала во многу строг религиозен дух. Мајката ги воспитувала децата до нивната 10 година, а потоа ги испраќала во локалното училиште, со силно влијание врз нив и со правила на воспитување. Децата ги казнувала, ги терала да учат по 100 стихови на латински јазик, а ако згрешеле во рецитирањето им ги скратувала оброците.

фејсбук

Рембо од најраните училишни денови покажал исклучителна надареност, добивајќи награди од литературата и преведувањето и пишувајќи со голема виртуозност песни на латински јазик. Бил во состојба со часови да седи и изнаоѓа најдобри решенија за римата. Уште на 16 годишна возраст го нашол својот стил на пишување. Сиот свој младешки гнев, незадоволство и одбивност кон малограѓанштината и хипокризијата, ги преточил во песни кои со својот стил биле блиску до симболизмот.

До 15-та година останал под патронат на својата мајка, која децата ги испраќала до училиштето и не им дозволувала да го напуштат домот. Во тој период Рембо освојува прва награда за составот напишан на латински јазик, а директортот на училиштето за него вели „Во главата на ова дете не се создава ништо банално. Тој ќе биде гениј или на злото или на доброто”.

Првата песна на Рембо, „Новогодишен подарок за сирачињата“ била објавена во списание во 1870., кога имал неполни 16 години. Мајка му во тоа време ангажирала учител кој би го подготвил за теолошки студии, а тој на младиот поет успева да му ја приближи француската литература, непозната за Рембо зашто воглавно ја читал Библијата и како и мајка му станал посветен католик.

Набрзо по објавувањето на првата песна на колеџот во Шарлвил дошол нов професор, Жорж Изамбар, кој му станал ментор но и негов личен пример. Нему ќе му ја покаже песната „Офелија” која подоцна била прогласена за една од неговите најдобри песни.

Кон крајот на 1870те години, однесувањето на Рембо станало неприфатливо, почнал да пие и да краде книги од локалните продавници. Се заинтересирал за политика, а француско-германската војна неговиот бунтовен дух го направила уште поинтензивен. Со желба да се приклучи на револуцијата избегал во Париз, но бил уапсен на станицата поради патување без билет. По краткиот престој во затвор, неколку месеци талкал низ северна Франција. Мајка му го вратила со помош на полиција, но во 1971 година повторно побегнал.

Бурна афера со десет години постариот поет

Враќајќи се во Париз, почнал да испраќа писма и песни на познатите писатели, а тие останувале без одговори. Така се запознал со Пол Верлен – пријателството започнало со писмо во кое Рембо на познатиот поет му ги испратил своите стихови, а овој пак воодушевен од неговиот талент набрзо станал магепсан и од неговата личност.

Пол Верлен и Артур Рембо, фејсбук

На повик на Пол Верлен, Рембо во 1871 година влегол во парискиот поетски круг, а набргу и во бурна хомосексуална врска со тогаш оженетиот Верлен, врска полна со кавги и тепачки.

Врската на двајцата поети претставувала скандал, поради што тие одлучиле да се преселат во Лондон. Но кога кавгите станале неподносливи Верлен се вратил во Париз, сам. Сепак, набргу зажалил за Артур и му испратил телеграма во која му предложил да се сретнат во Париз. Повторната средба завршила уште полошо од претходните.

Врската се завршила драматично, Верлен во момент на гнев пукал во Рембо и полесно го ранил. Верлен бил осуден на двогодишна казна затвор, а Рембо со каење се вратил во Шарлвил каде ја пишува својата духовна биографија „Престој во пеколот“, книга која значително ќе влијае на модерната поезија на 20-от век. За врската на Верлен и Рембо е снимен филм „Тотално помрачување” во 1995 година.

После две години минати во затвор, дајцата поети повторно се сретнале за последен пат, во Штутгард. Рембо тогаш се откажал од пишување и почнал да живее мирен живот, но почнале да пристигнуваат последиците од раскалашениот живот. Здравствената состојба му се влошувала.

Целосна трансформација, од доброволец во војска до надгледувач во каменелом 

По објавувањето на „Престој во пеколот“  Рембо водел повлечен, работнички живот. Неговите поетски белешки напишани пред сосема да замолчи како поет, биле создадени на границата на тишината, лудилото и осаменоста.

После „Илуминација” од 1874., на 21 година Рембо престанал да пишува и почнал да води еден авантуристички, талкачки живот. Се пријавил како доброволец на холандската војска за да стигне до Јава, а потоа дезертирал и се вратил во Франција. Потоа стасал на Кипар, каде работел како надгледувач во каменолом. Оттаму заминал во Етиопија, каде живеел со љубовниците, шверцувал оружје и кафе. Од Африка се вратил во Франција поради лекување. Дијагнозата била рак на коленото, па ампутирана му била десната нога.

По опоравувањето се обидел да се врати во Африка, но на пат состојбата му се влошила и бил примен во болницата во Марсеј, каде после неуспешна операција починал во 1891 година, на само 37 годишна возраст. Бил погребан во својот роден град, Шарлвил.

фејсбук

И 129 години по смртта добива писма

Гробарот Бернар Колен кој го одржува гробот на Рембо веќе 37 години, неодамна изјави дека најмалку три писма неделно од обожавателите на Рембо пристигнуваат во сандачето на починатиот поет кое се наоѓа на влезот на гробиштата во Шарлвил.

Колен во изјавата за Франс прес прочитал некои од писмата кои покрај големата восхит кон поетот се наведуваат и секојдневни активности, дури и неприлики низ кои луѓето минуваат.

– Наоѓав писма кои малку ме исплашија, луѓето му се доверуваат на Рембо, му зборуваат за страдањата и му се обраќаат како да е жив, рекол гробарот и додал дека од познатите уметници, американската пејачка Пети Смит редовно го посетува неговиот гроб кога е оттука на минување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот