Животната приказна на Локица Стефановиќ: Танцувала со Здравко Чолиќ, а момците биле луди по неа

Локица Стефановиќ и Локице / Фото: Скриншот/Јутјуб / Инстаграм/Бата Живојиновиќ

Лепосава Стефановиќ е една од најпознатите танчарки на нашите простори, омилената Локица на југословенската публика. Оваа русокоса убавица била инспирација за голем број девојчиња ширум Југославија кои сакале да танцуваат како неа, а станала препознатлива по своите настапи со пејачот Здравко Чолиќ, пишува „Glossy“.

Локица е родена во Белград, на последниот ден од месец март во 1946 година. Иако е дипломиран архитект, таа го посветила целиот свој живот на танцот. Се занимавала со балет од мали нозе, а во тој период го посетувала познатото балетско училиште „Лујо Давичо“. Подоцна во животот, Локица заминала во Њујорк и танцувала во едно од најценетите танчарски студија во САД.

Југословенската публика ја засакала кога со нејзината танчарска група „Локици“ настапила во телевизиската серија „Седум плус седум“, која била емитувана на крајот од седумдесеттите години.

Сепак, својот најголем успех го доживеала кога „Локици“ станале придружна танчарска група на најголемата поп ѕвезда во тоа време – Здравко Чолиќ. Познатиот Чола и Локица биле соработници и пријатели, а таа велела дека го сака како брат. Сепак, една реченица го прекинала нивното дружење – Локица изјавила дека Чолиќ не е талентиран за танц.

„По таа изјава, нашето пријателство заврши. Морав да го кажам тоа бидејќи Рица бараше. Жал ми е. Никогаш не кажувам грди работи за луѓето. Објаснив дека тој нема талент за танц, но постигнавме резултат со вежбање. Научи да игра. Би сакала да се смириме поради неговите ќерки и сопругата. И јас имам внука сега. Мислам дека се работеше за суета“, своевремено изјавила Локица.

Како одличен уметник, Локица била кореограф за бројни телевизиски програми и за театар, а еден од најважните детали од нејзината богата кариера е тоа што била ангажирана на церемонијата на затворање на Зимските олимписки игри во Сараево во 1984 година.

Бидејќи цел живот е посветена на здравјето, во деведесеттите години на минатиот век била автор и водител на емисијата за здрав живот – „Локица на 3К“. Понатаму издала и своја книга на оваа тема.

Кога станува збор за нејзиниот приватен живот, јавноста не знае многу работи за Локица. Но, дефинитивно, никој не бил рамнодушен на нејзиниот шарм, харизмата и талентот, па затоа најубавите момци во Белград биле вљубени во неа.

Еден од оние кои биле восхитени од нејзината појава, бил и францускиот пејач Антоан, кој ја запознал за време на неговиот настап во Белград. По концертот, Локица и Антоан се виделе во познатата дискотека „Код Лазе Шеќера“, а Французинот, според оние кои биле присутни, не можел да ѝ се изнагледа на нејзината убавина. Штом излегол од дискотеката, Антоан ѝ напишал „je t’aime“ („те сакам“ на француски) на хаубата од нејзиниот автомобил.

Сепак, нејзиното срце го освоил архитектот Зоран Зекиќ, со кого се венчала во 1983 година, а следната година ја добиле ќерката Огњена. За време на тешките деведесетти години, Локица доживеала неколку трагедии – останала без двајцата родители и сопругот, кој тогаш имал само 48 години.

Денес Локица води мирен и повлечен живот, но јавноста и ден-денес има желба да го сведочи нејзиниот шарм, па затоа одвреме-навреме гостува на телевизиските емисии во Србија.

Здравко Чолиќ познатиот хит „Ноч ми те дугује“ ѝ го посветил на глумицата Јасна: Секогаш дел од моето срце ќе биде резервиран за него

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот