Животната приказна на Фреди Меркјури: Не сакал да биде рок ѕвезда туку легенда, и тоа го постигнал

Фреди Меркјури, легендарниот фронтмен на британската група „Квин“, се родил на 5 септември 1946 година во семејство на Парси Индуси во Стоунтаун, денешна Танзанија, како Фарук Булсара. Предците му биле од персиско потекло. Неговите родители Џер и Боми Булсара биле економисти и вработени во британската колонијална служба во Занзибар.

Instagram

На седум години Фарук е испратен во интернат на школување во Панчгани, мало место покрај Бомбај во Индија. На училиште постигнувал одлични резултати, се истакнувал во спортот, а слободното време го минувал главно слушајќи музика. Набргу на училиште го увиделе неговиот талент за музика и Фарук почнал да посетува часови по клавир. Во средно училиште станал член на еден локален бенд, каде што го добил и прекарот Фреди. Наскоро тој прекар почнуваат да го употребуваат и членовите на неговото семејство.

Profimedia

Со семејството се преселил во Лондон во 1964 година, бегајќи од револуцијата во Занзибар. Почнал да настапува со еден блуз бенд и да студира графички дизајн. Наскоро ги запознал Брајан Меј и Роџер Тејлор, кои свиреле во бендот Смајл. Фреди им се придружил, а кога во групата дошол и Џон Дикон, ја основале групата Квин. Останатото е рок историја.

фејсбук

Боемска рапсодија

Групата го објавила првиот албум во 1973 година, и уште тогаш е поздравена како една од највозбудливите групи кои се појавиле на рок-сцената. Само две години подоцна бил снимен бесмртниот хит „Боемска рапсодија“, кој останал на врвот на британската топ-листа 9 недели. Тогаш наголемо се забележувал и препознатливиот талент на Фреди, како и гласовните исклучителни способности. Во групата освен што пеел, свирел и на клавир, но и на други инструменти. Освен гласот, станал познат и по своите оригинални настапи, кои на групата ѝ давале посебен сјај.

Profimedia

Покрај работата со групата „Квин“, во која ќе остане до смртта, Фреди имал и соло-кариера и неколку објавени албуми. Пред крајот на животот соработувал со Монсерат Кабаље на снимањето на албумот „Барселона“, кој беше предвиден како тема за Олимписките игри во 1992 година, во Барселона.

Неговиот долгогодишен сон да соработува со оваа оперска ѕвезда се исполнил, а песната „Барселона“ стана прославена и прифатена како симбол на градот. Фреди не го дочекал отворањето на Олимписките игри, а оваа песна е изведена на самиот почеток на церемонијата но Олимпискиот комитет на Шпанија ја повлече одлуката оваа песна да биде химна на ОИ.

Приватниот живот на Фреди Меркјури не бил познат на широката јавност во текот на неговиот живот. Не се женел и немал деца. По сопствено признание, бил бисексуалец. Таблоидите почнаа да го прогонуваат некаде околу 1987 година, кога се прочу дека неколку негови партнери умреле од сида. По направениот ХИВ-тест, во пролетта 1987 открил дека е позитивен. Оваа информација била скриена од јавноста, а и на членовите од бендот не им било дозволено за тоа да зборуваат во медиумите. Шпекулациите особено станале интензивни за време на снимањето на спотот за песната „These Are The Days of Our Lives“, во која се појавил Фреди видно болен и слаб.

Само еден ден пред да умре, Фреди Меркјури одржал конференција за новинарите на која отворено ги известил за својата здравствена состојба. Умрел неполни 24 часа подоцна, на 24 ноември, 1991 година, од последица на воспаление на белите дробови, кои поради сидата беа погубни за него.

Фреди и Мери

По смртта, во согласност со верата на неговите родители, бил кремиран, по своја последна желба ја задолжил бившата свршеница Мери Остин да се погрижи за пепелта и никогаш да не ѝ каже на јавноста што направила со неа. Последниот негов партнер, со кого поминал седум години, Џим Хатон, наследи дел од имотот на Фреди, а најголемиот дел, со огромниот имот, го наследила Мери Остин, а со тестаментот ги згрижил и родителите и сестрата Кашмира. Со својот тестамент го згрижил и секој член на послугата, оставајќи им по неколку десетици илјади фунти, а Мери Остин како извршител на тестаментот била задолжена и понатаму да се грижи за мачките, кои Фреди многу ги сакал.

Profimedia

Една од карактеристичните слики како светот го памти Фреди Меркјури е секако онаа од турнејата од 1986, во костим и со една подигната тупаница. Токму така изгледа и споменикот што е подигнат во Швајцарија, во местото Монтре, каде што групата купила имот и направила студио во почетокот на 80-тите. Фреди таму ги минал и последните денови од својот живот, работејќи на песните што беа постхумно објавени. Монтре стана место за собирање на неговите фанови, а секоја година во септември таму се одбележува и неговиот роденден.

Инаку, бидејќи Фреди е една од најпознатите жртви на сидата, секоја година за неговиот роденден се одржуваат ширум светот и акции за собирање на пари за помош на заразените од ХИВ-вирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот