Живот ли е ЕУ или панаѓур?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Кога само ќе помислам колку пати сме биле во слична ситуација, очекувајќи ја дефинитивната вест за некој наш „судбински датум“, човек да се замисли како успеавме да останеме нормални во вакви околности, сите овие години! Под услов да сме останати нормални, се разбира.

А контекстот за „нормалноста“ на Балканот вчера феноменално го исцрта неповторливиот претседател на Собранието на Србија, г. Ивица Дачиќ. Бесценето: во настап на ТВ Пинк (од сите можни розеви телевизии на светот!), Дачиќ, во својот зајадлив стил, иронично го коментираше развојот на бугарско-македонските „пред-интегративни“ односи, велејќи дека е наша (македонска) работа дали мислиме дека сме Бугари и дали немаме свој јазик, но дека „бугарската окупација (во Втората светска војна) беше дел од хитлеровската коалиција“ и дека Србите од јужна Србија многу добро знаат „колку биле сериозни бугарските злосторства“. „Тоа не беше администрација“, вели Дачиќ. Заклучувајќи – со една убиствена „елиптичност“ на српската национал-социјалистичка мисла – дека не жали многу за Југославија, бидејќи денот кога таа федерација била создадена бил несреќен ден за српскиот народ!

И таман кога мислите дека не може подобро, сфаќате дека Дачиќ во студиото на ТВ Пинк е во кикотливо друштво со никој друг, туку со познатата фолк-дива Цеца Ражњатовиќ, сопругата на покојниот Аркан! Која „на темата“ само ќе изјави дека „лично ги познава и Зоран Заев и Бојко Борисов“.

Бесценето.

Тоа е „циркускиот шатор“ во кој, најблаго речено крајно невнимателно, нè внесе актуелната бугарска политика не само нас, туку и целиот регион и целата Европска Унија, со своите „автентични толкувања“ на минатото, сегашноста, а богами и иднината на Балканот, како услов за интегрирање во Унијата.

Во Белград добро разбираат дека „црвените линии“ на Македонија не се само прашање под кое не може да оди (ни сега, ни по сто години) македонската политичка елита – колку и да се обидува „еластично“ да им ги објасни на Бугарите своите позиции, апелирајќи на нивниот добрососедски разум – туку се клучен принцип што не може да се наруши како цена за натамошниот процес на регионалните евро-интеграции. Бидејќи, поминат ли сега бугарските историско-политички билатерални аспирации во „мултилатералниот“ контекст со Македонија, баш ме интересира што ќе се случи кога Србите ќе „попијат“ вето од Бугарите кога ќе дојде денот Софија на Белград да им ги испорача истите европски услови во врска со толкувањето на природата на својот своевремено несреќен однос кон нацистичка Германија, за тоа кој бил Сталин, Тито и Тодор Живков, или, на пример, за статусот на бугарското малцинство во јужна Србија?!

Сè си мислам дека има пердуви да летаат на сите страни како кога се кубат гуски на салашки панаѓур! Оти во Србија има национал-шовинистички „Каракачанови“ на кои оваа бледа бугарска копија не би можела ни руски чај да им послужи додека ги договараат своите големодржавни провокации. Цеца би можела тоа, заносно, во стихови да им го отпее, од семејно искуство.

Елем, остануваат малку денови пред да се види дали, закачена на ѕидот во првиот чин, ќе „пукне“ бугарската пушка во третиот чин од драмата што треба идната недела да се случи на самитот на ЕУ во Брисел. Македонија на овие циклични „судбински“ претстави до сега би требало да е навикната, наместо како на трагедија, повеќе да гледа  како на делови од долгогодишниот евро-интегративен траги-комичен драмски омнибус што Европа амбициозно го нарекува „процес на регионална интеграција“.

Во оваа епизода од тој серијал одигравме одлично, ги освоивме неподелените позитивни критики и на публиката и на жирито, а дали после сегашната бугарска „премиера“ ќе следуваат слични европски репризи, не зависи од нас. Нема сценарио, без разлика колку се труделе, во кое регионалните „Розенкранц и Гилдерстен“ можат да ја сменат судбината на европскиот „Хамлет“ во неговата трагична потрага по сопственото „да се биде или не“.

Упатените велат дека, во Софија, „официјалните канали“ за сегашен компромис се затворени. Ајде да видиме што уште ќе се случи „неофицијално“ до самитот во Брисел, под претседателството на Берлин.

Преземено од цивилмедиа.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот