Живите ќе им завидуваат на мртвите

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Зарем треба пред посилните, помоќните, поспремните од вас да се предадете и тогаш кога навлегле во вашето право на живот, во вашето право на постоење и битисување? Кои сакаат да ви ја покорат Вашата душа? Никако, ни под разно. Храброста на Украинците и на Иранките ни дава до ум дека човекот секогаш ќе се бори за слободата како највозвишена вредност на неговото постоење, макар таа слобода го чинела и живот.

Во најголемата светска криза по завршувањето на Втората светска војна, настаните поврзани со кубанските тензии, кога САД и СССР како две најмоќни воени сили го втурнале човештвото во закана од нуклеарен судир, веројатно само присебноста и свесноста на лидерите на овие сили довела до колку-толку нормализирање на ситуацијата и избегнување на армагедонскиот судир што можел да значи и крај на дотогаш познатото човештво како такво. На фонот на таа криза, познатиот советски лидер Никита Хрушчов подоцна коментирајќи ги тие настани ја дал познатата изјава: „Ако ги употребевме нуклеарните боеви глави, тогаш живите ќе им завидуваа на мртвите“.

Оваа луцидна и иронична изјава, за жал, важи и ден-денес, седум децении подоцна, и три децении по падот на Берлинскиот ѕид, со кој се распадна моќниот Советски Сојуз, кога сите мислевме дека употребата на нуклеарно оружје е повеќе во доменот на научната фантастика, одошто реална закана од која треба да се плашиме. Но, не! Руската воена агресија врз Украина, непредвидливиот карактер на рускиот претседател, неговото беневолентно заканување со употреба на нуклеарното оружје, ни дава до знаење и значење дека нуклеарките не се само оружја за психолошки моќни наоружувања на големите сили, туку дека и навистина некогаш, некаде и некако може да бидат употребени.

Познавачите на воените состојба и експертите за типски оружја велат дека денешните нуклеарни боеви глави се многупати поуништувачки од тие што Американците на крајот од војната ги фрлија и ги употребија врз Јапонија, односно ги уништија јапонските градови Хирошима и Нагасаки. Од страотните слики што денес ги гледаме во историските учебници за тоа како изгледале овие градови непосредно по нуклеарната катастрофа со право морници да нè лазат, доколку денес пак некој реши да го притисне копчето за (само)уништување.

Има ли Путин одговорност?

Светските лидери на најголемите и воено највооружените држави имаат одговорност не само за своите (воени) постапки, туку и за изговореното. Неподносливата леснотија на употребата на заканувачките говори за користење на нуклеарното оружје ни дава до знаење дека ние си имаме работа со човек кој, во најмала рака, го има изгубено контактот со реалноста. Впрочем, секој диктатор низ историјата кој има неограничена моќ завршил така – трагично. Опкружени со неколкумина што им се плашат од сенката, а не пак од постапките, и Хитлер и Наполеон, денес и Путин се сметаа себеси за полубожества на кои никој ништо не им може. Што е тоа во човечката психологија што низ историјата на човештвото се преповторува – неограничениот владетел да ги прави истите работи без разлика дали тоа е во антиката, средновековието или пак во денешно модерно време, не знам, ама е доказ дека во мозочниот кортекс има нешто негативно, подло и злобно, кое ве тера и ве исполнува да бидете тоталитарен диктатор. Луѓето во суштина се егоцентрични, сакаат да бидат секогаш во право, никогаш не сакаат да бидат критикувани, а за самокритика не станува и збор.

Неверојатно е колку се немаме сменето во нашиот генотип за да ги смениме карактерите и нашето општествено однесување за да го направиме светот подобро место за живеење. Сликите што денес ги гледаме со свои очи од Украина, не верувајќи дека се случува тоа во дваесет и првиот век во постмодерното општество и сликите што ги гледаме низ Иран, како жените се борат за елементарното човечко право на живот и слобода на сопственото живеење, ни дава за право да веруваме дека сме деградирале и сме отишле во целосна декаденција. Дали тоа ни дава за право да се плашиме од иднината? Со сигурност – да. Дали тоа ни кажува дека иднината е полоша од денешната небиднина? Дефинитивно, да. Може ли нешто на подобро да се промени? Може, ако ние се промениме.

Човештвото напреднувало секогаш по некои катастрофи и кога сфатило дека на крајот на денот мора да седне на маса преку еден општествен договор да ги воспостави новите правила на игра во кои ќе се почитува секогаш и правото на другиот. Мојот професор по меѓународни политички односи на скопскиот Правен факултет Денко Малески, преку неколку секојдневни примери со најпрост јазик ни го објасни функционирањето на меѓународниот свет и како денес државите како меѓународно правни субјекти општат меѓу себе во меѓународниот сообраќај на односите. За жал, правилото дека „вашето право да ја испружите раката колку што ви е долга“ завршува токму пред туѓиот нос, денес не важи. Долгата рака на рускиот претседател, испружена длабоко во територијалниот интегритет и суверенитет на Украина ни вели дека воспоставеното меѓународно правило по завршувањето на Втората светска војна и создавањето на Организацијата на Обединетите нации за почитување на сувереноста на нациите, веќе не постои. По завршувањето на војната во Украина, ќе гледаме нов воспоставен ред и поредок. Пред нашите очи денес се случува правилото на Тукидид, повеќе од два милениума старо: „Силните го прават тоа што сакаат, слабите тоа што мораат“.

Борбата за слобода и живот е пред сè!

Но, дали Украинците и Иранките треба да се помират со својата зла судбина и да го следат реалполитичкото правило на Тукидид? Зарем треба пред посилните, помоќните, поспремните од вас да се предадете и тогаш кога навлегле во вашето право на живот, во вашето право на постоење и битисување? Кои сакаат да ви ја покорат вашата душа? Никако, ни под разно.

Храброста на Украинците и на Иранките ми дава до ум дека човекот секогаш ќе се бори за слободата како највозвишена вредност на неговото постоење, макар таа слобода го чинела и живот. Како во овие случаи, за жал. Човештвото памети многу загубени животи за слобода, за подобро утре. Токму тој порив нè тера да бидеме луѓе и да одиме напред. Секогаш, по дождот, сонце изгрева. И секогаш мракот е поразен од светлината. На крајот, така ќе биде и со мракобесието поднесено од официјална Москва и Техеран. Бидејќи друг излез нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот