„Живите камења“ во Романија растат, се движат и раѓаат нови

Фото: Принтскрин/Твитер

Токму кога ќе помислиме дека сме виделе сѐ, природата ни приредува уште едно необично доживување. Тоа е чудесниот свет на геолошките манифестации познати како трованти. Овие ретки камени карпи може да се најдат само на едно место во светот, малото гратче Костести во Романија. Овие трованти се толку фантастични што најдоа место во локалниот фолклор. Некои велат дека растат, одат, па дури и раѓаат бебиња трованти. Науката вели дека тие веројатно се во право.

Тровантите се тркалезни карпи, со малку неправилна форма. Можат да бидат помали од неколку милиметри и да тежат неколку грамa или можат да достигнат висина и до 4,5 метри и тежина од неколку тони.

Овие необични камења, кои ѝ пркосат на гравитацијата, ги збунуваат набљудувачите уште од 18-иот век, а многу љубопитни поединци се сомневаат дека тоа се јајца од диносаурус, фосили од растенија или дури и вселенски летала од вонземјани.

Научниците верувале дека тровантите се некој вид на конкременти, насипи од минерална материја, вградени во слоеви од варовник, песочник или карпи. Тие често се формираат од минерали кои се таложат од водата собрана околу јадрото на камче, лист, школка, коска или фосил.

На Меѓународниот геолошки конгрес во Осло, во 2008 година, е утврдено дека тровантите се погрешно класифицирани како конкременти бидејќи немало минерална разлика помеѓу камењата и песочните слоеви на кои се наоѓаат. Во нив, исто така, немало јасно јадро.

Какви и да се, научниците веруваат дека врз основа на нивниот состав и положба на врвот на песокот, овие чудни камења се постари од човекот – настанати од земјотреси пред околу 5,3 милиони години, за време на под-епохата на средниот миоцен (првата геолошка епоха од неогенскиот период). Околниот песок, исто така, сугерира дека областа била древна морска средина, што може да објасни зошто понекогаш во нив може да се најдат фосили од школки и полжави.

Друга необичност за тровантите е тоа што лачат цемент. Поради ова, некои луѓе мислат дека можеби се живи суштества, а не само камења. Ова истекување на цемент се случува по силен дожд. Кога тровантите ги апсорбираат минералите од дождот, минералите доаѓаат во контакт со хемикалиите кои се веќе присутни во карпата, предизвикувајќи реакција на притисок што предизвикува карпите да растат во големина. Тоа не е нешто што можете да видите дека се случува. Истражувачите велат дека стапката на таложење на тровантите е приближно од 4 до 5 см на секои 1.000 години.

Тровантите се исклучиво пронајдени во романската област Валчеа во каменолом за песок во близина на селото Костести, покрај потокот Гресареа или во соседното село Отесани. Со цел да се заштитат овие необични геолошки примероци, во 2004 година во округот Валчеа, Романија, кој сега е под заштита на УНЕСКО, бил изграден природен музеј на Трованти „Muzeul Trovantilor“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот