„Живи мртовци“: Омилените зомби од малиот екран се враќаат со нова сезона

Instagram

Речиси е невозможно да се објасни како тоа серија, во која протагонистите се борат со зомби, може да биде лесно гледлива и многу возбудлива. Но, сензационалниот успех на „Живи мртовци“ многумина сметаат дека е резултат на тоа дека авторите се фокусирале пред сѐ на човековиот вроден инстинкт за преживување, кој е премногу силен за да ги остави луѓето неподготвени и за најцрните сценарија

„Живи мртовци“ воедно е и една од најгледаните и најдолговечни серии на сите времиња, а иако веќе се емитувани 10 сезони, продуцентите немаат намера да запрат

Серијата „Живи мртовци“ е еден од најголемите телевизиски феномени во историјата на филмот. Веројатно не постои друг ТВ-проект, кој најдобро го прикажал светот по апокалипсата. Борбата на преживеаните, нивната трансформација од личности пораснати во комфор во прекалени борци за опстанок.

Речиси е невозможно да се објасни како тоа серија, во која протагонистите се борат со зомби, може да биде лесно гледлива и многу возбудлива. Но, сензационалниот успех на „Живи мртовци“ многумина сметаат дека е резултат на тоа дека авторите се фокусирале пред сѐ на човековиот вроден инстинкт за преживување, кој е премногу силен за да ги остави луѓето неподготвени и за најцрните сценарија.

А, сценариото е секако црно. Човештвото е десеткувано од мистериозна зараза, од која милиони заболуваат, а по смртта се претвораат во живи мртовци, кои претставуваат непосредна опасност за преживеаните. Сепак, најголемата опасност по луѓето не се мртвите, туку живите, бидејќи набргу започнува безмилосна трка по ограничените ресурси, кои живот значат.

„Живи мртовци“ воедно е и една од најгледаните и најдолговечни серии на сите времиња, а иако веќе се емитувани 10 сезони, продуцентите немаат намера да запрат.

Разделена група

Во 2021 година ќе биде емитувана 11. сезона од серијата, која би можела да биде последната, иако и тоа не е сигурно бидејќи веќе постојат најави за 12. сезона. Но, тоа што е сигурно е дека во текот на оваа година, мртовците повторно ќе прошетаат по апокалиптичната сценографија, која феноменално е прикажана во серијата.

Објавено е дека во наредните епизоди ќе ги видиме ликовите на Дерил (Норман Ридус), Керол (Мелиса Мекбрајд), Ниган (Џефри Дин Морган) и Меги (Лорен Коан) која беше отсутна во 10. сезона. Продуцентите потврдија дека со сценариото се опфатени Розита (Кристина Сератос) и Кони (Лорен Ридлоф). Сепак, најавена е една поинаква приказна од претходно, каде што ликовите за разлика од претходно кога се држат заедно и несебично си помагаат во неволја, овој пат секој од нив во првата епизода е свет за себе.

– По големите недоразбирања главните ликови се поделени, па гледачите до финалната епизода ќе имаат можност да видат огромен број авантури и патешествија и мислам дека тоа многу ќе им се допадне – вели Анџела Канг, коавтор на серијата.

Каде е Рик Грајмс?

Сепак, во ниту една најава не е потврдено дека во приказната ќе се врати главниот лик Рик Грајмс, толкуван од британскиот актер Ендрју Линколн.

Рик мистериозно исчезна на крајот од деветтата сезона и повеќе не се појави во епизодите. Знаеме дека тој беше тешко повреден, но беше евакуиран со хеликоптер од непознати лица. Секако дека фановите би останале разочарани, доколку серијата заврши без да биде разрешена мистеријата поврзана со главниот протагонист во приказната.

Во една пригода беше потврдено дека Рик Грајмс ќе се појави на големото платно, односно за неговиот лик ќе биде снимен игран филм, сепак тие планови се неизвесни поради избивањето на пандемијата, што го отежнува снимањето.

Многумина сметаат дека Линколн, кој во моментов е без ангажман и е посветен на театарот, ќе се согласи да се врати во „Живи мртовци“ и да ја заврши својата улога, за која досега доби многубројни награди и признанија. Сепак, потврда за тоа нема, а веројатно и нема да има во догледно време, бидејќи продуцентите ќе настојуваат тоа да го чуваат во тајност.

Како и да е, „Живи мртовци“ ќе се врати со нова сезона, што секако дека е добра вест за милионската база фанови, кои со нетрпение ја очекуваат секоја нова епизода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот