Живеење со коранавирусот: Како би можела да изгледа пандемијата во иднина?

Ковид-19 коронавирус
Фото: Pexels

Само во САД би можело да се има до еден милион инфекции дневно оваа зима, изјави за Ројтерс Крис Мареј, шеф на Институтот за здравствена метрика и евалуација (ИХМЕ), независна група за моделирање при Универзитетот во Вашингтон кој ја следи пандемијата. Тој додал дека тоа ќе биде речиси двојно повеќе од сегашниот дневен број.

Ширум Велика Британија и Европа, научниците предвидуваат низа бранови на ковид, бидејќи луѓето поминуваат повеќе време во затворен простор во текот на постудените месеци, овој пат речиси без ограничувања во носењето маски или физичкото растојание.

Меѓутоа, иако случаите може повторно да се зголемат во наредните месеци, малку е веројатно дека смртните случаи и хоспитализирањата ќе растат со истиот интензитет, велат експертите, кои веруваат дека за тоа е заслужна вакцинацијата, бустер дозите, претходните инфекции, поблагите варијанти и достапноста на ефикасни третмани за ковид.

Овие прогнози покренуваат нови прашања за тоа кога земјата ќе излезе од вонредната фаза на ковидот во состојба на ендемична болест каде што во заедниците со високи стапки на вакцинација има помали епидемии, веројатно на сезонска основа.

Многу експерти предвидуваа дека транзицијата ќе започне на почетокот на 2022 година, но доаѓањето на високо мутираната варијанта на вирусот омикрон ги наруши тие очекувања.

„Мора да го оставиме настрана прашањето дали пандемијата е завршена“, рекол Адам Кучарски, епидемиолог од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина. Тој, како и другите епидемиолози, гледа дека ковид се претвора во ендемска закана која сè уште е проблем.

Останува прашањето дали ќе се појави нова варијанта која ќе ги надмине во моментов доминантните подваријанти на омикрон.

Ако таа варијанта, исто така, предизвикува потешка болест и е во состојба да го избегне претходниот имунитет, тоа би било најлошото сценарио, според неодамнешниот извештај на Светската здравствена организација за Европа.

Како што се наведува во извештајот, „сите сценарија, со новите варијанти, укажуваат на потенцијал за голем иден бран на ниво кое е еднакво лошо или полошо од бранот на епидемијата 2020/2021 година“.

Многу експерти за болести рекоа дека прогнозирањето за ковид стана многу потешко бидејќи многумина се потпираат на брзите тестови дома коишто не се пријавени кај државните здравствени службеници, прикривајќи ги стапките на инфекција.

БA.5, подваријантата на омикрон која во моментот предизвикува кулминација на инфекциите во многу земји, е многу пренослива, што значи дека многу пациенти хоспитализирани поради други болести може да бидат позитивни и да се сметаат за тешки случаи, дури и ако ковид-19 не е извор на нивните неволја.

Научниците реккле дека други непознатици кои ги комплицираат нивните прогнози вклучуваат и тоа дали комбинацијата на вакцинација и заразата со ковид, таканаречениот хибриден имунитет, обезбедува поголема заштита на луѓето.

„Секој што вели дека може да ја предвиди иднината на оваа пандемија е или премногу самоуверен или лаже“, рекол Дејвид Дауди, епидемиолог од Факултетот за јавно здравје Хопкинс Блумберг.

Експертите, исто така, внимателно ги следат случувањата во Австралија, каде што сезоната на новиот грип во комбинација со ковид ги преплавува болниците. Тие велат дека е можно западните земји да имаат сличен модел по неколку мирни сезони на грип.

„Ако тоа се случи таму, може да се случи и овде. Треба да се подготвиме за сезоната на грип“, рекол Џон Меколи, директор на Светскиот центар за грип при Институтот Френсис Крик во Лондон.

СЗО соопшто дека секоја земја и понатаму треба да им пристапи на новите бранови со сите достапни алатки, од вакцинација до интервенции како што се тестирање и физичко дистанцирање или носење маски.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот