Живата ќе се чисти со странски пари, кога ќе изгласаат домашните политичари

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Проблемот со заостанатата жива во напуштениот погон за електролиза во ОХИС, која како индустриски отпад се уште ја загадува Скопската котлина, може да се реши со пари од меѓународни еколошки фондови, што ќе може да се обезбедат благодарение на Конвенцијата за жива – Минамата. Македонија од јуни 2014 година е потписник на оваа конвенција со која се забранува или се ограничува употребата на жива низ светот, но предлог-законот за нејзината ратификација се уште не е усвоен во Собранието.

– Откако во Собранието ќе биде ратификувана оваа конвенција Македонија ќе може да конкурира пред Глобалниот еколошки фонд за пари со кои ќе се деконтаминираат локациите што се загадени со жива, во кои спаѓа и фабриката ОХИС – објаснуваат за „Слободен печат“ од Канцеларијата за ПОПС (постојани органски загадувачи) при Министерството за животна средина.

Колку жива има во ОХИС?

Оваа Канцеларија од април 2016 до април 2018 година спроведуваше проект за иницијална оценка за состојбата со жива во Македонија, кој произлезе како обврска од потпишувањето на конвенцијата, а во чии рамки е изготвен и инвентар на живата во животната средина. Според документот, пошироката област од 6.200 метри квадратни околу ОХИС е контаминирана со жива затоа што за време работата на погонот за хлороалкално производство од 1964 до 1995 година во околината биле ослободени приближно 400 тони жива!

Поради ова, подземните води околу погонот за електролиза се загадени 20 пати над холандската интервентна вредност, а максималните дози во почвата се дури 98 пати над интервентната граница. „Во овој погон, капки од метална Hg се распространети на поголем дел од подната површина и на опремата, резултирајќи до една груба проценка од 400 mg на метална Hg. Големи количества жива може да навлезат во подземните пукнатини или во неактивните одводни цевки. Најголем дел од живата бил загубен во форма на течен метал преку излевање или за време на одржувањето. Може да се претпостави дека главниот дел од живата е сè уште на локацијата на погонот“, се вели во овој документ, во кој нема проценка за тоа колкава количина на жива е останата во погонот.

Проценка за количината има во првиот и во вториот Локален еколошки акционен план на Град Скопје (ЛЕАП) и таа изнесува осум тони. „Во кругот на ОХИС, покрај линданот е присутен и друг тип индустриски отпад кој е несоодветно складиран. Од тешките метали како полутанти се јавуваат оловото и живата кои се користеле во производниот процес. Се смета дека осум тони жива се складиран во кругот на фабриката“ се вели во ЛЕАП на Град Скопје.

Од Министерството за животна средина не се согласуваат со оваа бројка на Град Скопје и ја нарекуваат паушална. Тврдат дека во ОХИС нема складирана елементарна жива, особено не осум тони, но не испратија одговори на нашите прашања колкава количина на жива има реално во ОХИС, кога таа ќе се чисти, колку пари ќе чини тоа и зошто за сиве овие години откако фабриката не работи не се превземени посериозни мерки за деконтаминација на ОХИС.

Забранета во целиот свет

Од Канцеларијата за ПОПC објаснуваат дека фабриката ја увезувала живата како суровина и ја чувале во систем што не бил херметички затворен и протекувал, па изгубените количини ги надоместувале со увоз на нови.

Според инвентарот, живата и натаму се шири и ги загрозува сите во околината  благодарение на загадените горни слоеви на почвата кои се креваат како прав и луѓето ги вдишуваат и загадените води што се користат за полевање.

Лабораторските испитувања покажале дека живата ја има насекаде низ погонот за електролиза – во малтерот, во каменот, па дури и во бетонските конструкции, при што вредностите во повеќето мостри биле од неколку стотини до неколку илјади милиграми на килограм. Најголеми концентрации имало во бетонот на подот, 80.300 мг/кг, а високи дози имало и во канализацискиот седимент.

Во инвентарот се вели и дека процесот со живини ќелии за производство на хлор резултирал со неколку видови отпад – тиња од солениот раствор, цврсти остатоци, јаглеродна тиња и друг отпад со жива и дека е можно дел од него да бил одлаган во депонијата за мешан отпад.

Целата контаминација со жива во ОХИС, но и на другите локации низ Македонија ќе може да се чисти со средства од Глобалниот еколошки фонд, од каде се обезбедени пари и за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС за што тендерот е во тек, но претходно Собранието мора да ја ратификува Конвенцијата за жива Минамата.

„Доверителскиот фонд на Глобалниот еколошки фонд ќе обезбедува нови, реални, соодветни и навремени финансиски средства за да се покријат трошоците во поддршка на имплементацијата “, се вели во конвенција.

Во неа се опишани редица забрани за ново ископување на жива, забрани за употреба на живата во производството, обврска за попис и контрола на сета складирана жива и редовно поднесување на извештаи до меѓународното тело што е формирано за чистење на планетата од овој отровен елемент.

Живата ќе се исфрли од забните пломби, ќе остане во вакцините

Според Конвенцијата за жива, одредени производи, како батерии, светилки и прекинувачи што содржат жива ќе се повлечат од употреба во 2020 година, а живата повеќе нема да се користи ниту во пестицидите, козметиката, разните уреди за мерење (термометри, барометри и сл) и во полнењата за забите. Живата низ светот ќе продолжи да се употребува само за производи од суштинско значење за цивилна заштита и воена употреба, за истражувања, калибрација на инструменти, во случаите кога нема реално достапна алтернатива, за производи во традиционални или религиозни практики и во вакцините кои содржат тиомерсал како презервативи.

Во Минамата се разболеле или умреле 3.000 луѓе

Конвенцијата за жива е наречена Минамата според истоимениот јапонски град во кој се случила една од најлошите индустриски катастрофи во историјата, предизвикана со испуштање соединенија на жива во заливот Минамата. За загадувањето на заливот од 1932 до 1968 година била одговорна корпорацијата Чисо, која работела како компанија за ѓубре, а потоа и како петрохемиска индустрија. Пресметано е дека од загадувањето настрадале над 3.000 луѓе.

Денес под минаматско заболување се подразбира невролошки синдром од сериозно труење со жива. Симптомите вклучуваат атаксија, односно отсуство на мускулна координација, општа мускулна слабост, нарушувања на видот и слухот, а во екстремни случаи парализа, кома и смрт за само неколку недели по почетокот на симптомите. Конгениталната форма на заболувањето може да ги нападне и фетусите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот