Жителите на Раштани и Бузалково ќе добијат чиста вода за пиење
Проектот предвидува изградба на водоводна мрежа и две препумпни станици и поврзување на селата Раштани и Бузалково на постоечкиот водоснабдителен систем на градот Велес.
Деценискиот проблем со водоснабтувањето со кој се соочуваа 1.500 жители на населените места Раштани и Бузалково конечно решен со изградба на водоводен систем вреден половина милион евра, соопшти министерот за Транспорт и врски Горан Сугарески кој заедно со градоначалникот на Велес Аце Коцевски изврши увид врз изградбата.
Сугаревски посочи дека проектот предвидува изградба на водоводна мрежа и две препумпни станици и поврзување на селата Раштани и Бузалково на постоечкиот водоснабдителен систем на градот Велес.
Градежните работи се во тек, а како што истакна градоначалникот на општина Велес, Коцевски, се очекува проектот да биде завршен и пред предвидениот рок.
„Со поврзувањето на селата Бузалково и Раштани на градскиот водоснабдителен систем засекогаш го решаваме проблемот со кој се соочуваа жителите на овие населени места и обезбедувајќи чиста и квалитетна вода за пиење, значително ги подобруваме условите за живот во општината. Во соработка со Министерството за транспорт и врски, интензивно работиме и на подобрување на состојбата на локалните патишта и улица. Градежната офанзива во Велес е во тек и ќе продолжи со уште посилно темпо во следниов период“ – изјави градоначалникот на општина Велес.