Фото: Васка М. Младеновска

Жителите на битолското село Кравари со предупредување: Или поголема безбедност или блокада на патот Битола-Меџитлија

Општината Битола иако нема ингеренции ќе направи се да ги анимира надлежните државни институции: Јавното претпријатие за државни патишта, Министерството за транспорт и врски, Сообраќајната полиција да ги преземат сите мерки за безбедно одвивање на сообраќајот на патот Битола-Граничен премин Меџитлија.

По неколкуте сообраќајни несреќи, во изминатите денови од кои две беа со човечки жртви, на барање на жителите од битолското село Кравари, денеска одржавме заедничка средба на која ги согледавме последиците од рехабилитацијата на патот и мерките што треба да се преземат за побезбедно одвивање на сообраќајот на овој пат-ова го изјави градоначалникот на Битола Тони Коњановски, на денешната средба со претставници на селото Кравари кои во изминатите денови беа најпогодени од сообраќајните несреќи што се случија на овој патен правец.

Според жителите на Кравари по рехабилитацијата на патот кој не е најдобро обележан со сообраќајни знаци и на кој сообраќаат голем број на лесни и тешки товарни возила се вози мошне брзо, особено во утринските и вечерните часови.

Најголем проблем во моментот се тешките товарни возила кои од Грција превезуваат јаглен за РЕК “Битола” и коишто особено во утринските часови возат со голема брзина.

Жителите на Кравари бараат Сообраќајната полиција интензивно да врши контроли на патот во следните дваесет дена додека траат изведбените работи. Се заканија дека  доколку во најкус можен рок надлежните институции не ги прифатат нивните барања за подобрување на безбедноста, дека ќе протестираат со блокада на патот кога тој има најголема фреквентност.

 -На овој дел од патот сообраќаат не само автобуси кои ги превезуваат работниците во германската компанија “Кромберг и Шуберт”, туку и автобуси што превезуваат ученици. Благодарение само на присебноста на возачот и брзата реакција на еден од жителите на селото Кравари, овие дена не се случи да настрадаат 17 ученици кои се превезуваа до училиштето. Затоа итно бараме да се обележат со пешачки премин местата каде што се училиштето и градинката-изјави Илче Стојановски, жител на селото Кравари.

Според жителите на битолското село Кравари, најдоброто решение за целосно да се реши безбедното одвивање на сообраќајот Битола-Граничен премин Меџитлија е изградбата на експресниот пат којшто ќе врви позади селото.

-Но, додека се изгради експресниот пат, надлежните државни институции до комплетната рехабилитација на патот треба да постават сообраќајни знаци со коишто најбезбедно ќе се регулира сообраќајот на овој патен правец-додава Стојановски.

Инаку, компанијата “Кромберг и Шуберт” која прва алармираше на проблемите со кои што се соочија жителите и тие како компанија за “Слободен печат” денеска изјавија дека по алармирањето на овој проблем, прва реагираше Сообраќајната полиција која врши контроли на патот и во текот на денот и во вечерните часови.

На неколку места полицијата стои со ротација, но обележувањето на патот не е започнато, а не се поставени ниту ступчиња со светилки.

Од “Кромберг и Шуберт” велат дека сега по неколкуте сообраќајни несреќи и двата изгубени човечки животи, се вози далеку повнимателно и побавно.

Од ЈП за државни патишта информираа дека рехабилитацијата на државниот пат А3 делница Битола-Меџитлија во должина од 12,5 км е во завршна фаза и во моментов се работи на изведба на асфалтирање на вториот завршен слој по што следува изведба на банкините од двете страни на патот и поставување на собраќајна сигнализација.

-Договорот за рехабилитација на регионалниот пат А3, делница Битола-Меџитлија се реализира врз основа на ревидирана проектна документација од страна на Градежен факултет. Исто така, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација во согласност со одобрениот времен режим на сообраќај, издаден од Министерството за транспорт и врски. Рехабилитацијата на патот со извршена целосна сигнализација се очекува да заврши најдоцна за 30-тина денови, односно до крајот на октомври – почетокот на ноември-информираа од ЈП за државни патишта и апелираат до возачите да се придржуваат до времената сигнализација и да ја почитуваат препорачаната брзина на движење.

Патниот правец Битола- Граничен премин Меџитлија има голема фреквенција на сообраќај и патот води до селата Кравари, Меџитлија,  Породин, Егри, “Кромберг и Шуберт”, Индустриската зона “Жабени”, како и граничниот премин “Меџитлија”.

Алармантно предупредување на вработените во „Кромберг и Шуберт“: Итно поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација на патот Битола ИЗ „Жабени“ или блокада на патот за Грција

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот