Жителите бараат да се забрза реконструкцијата на улицата Димо Хаџи Димов: Се изнаголтавме прав и се изнагазивме кал!

фото: Слободен печат

Повеќе од два месеца откако е започната реконструкцијата на улицата Димо Хаџи Димов во Кисела Вода, граѓаните едвај стигнуваат до своите домови по раскопаната сообраќајница. Последниов период, дождовите ја претворија улицата во каллива патека, со делови останати од стариот асфалт и прекопи по средината и по крајот на улицата каде, се претпоставува, дека се изведувала атмосферска канализација и се обновувала водоводната инсталација.

Такви активности беа најавени од Град Скопје, кога ја започнаа реконструкцијата на една од најфреквентните улици во општина Кисела Вода, но сега оттаму не одговараат до каде е реконструкцијата, што е досега направено и дали ќе заврши наскоро.

Жителите се жалат дека на овие неколку стотини метри што се обновуваат си ги „кршат“ автомобилите, а дека автобусот на линија 24 не поминува откако започнале градежните работи на улицата.

Значи навистина долго трае реконструкцијата, предолго на сообраќајно фреквентна улица како оваа. Прво голтавме прашина, сега газиме во кал за да дојдеме до дома. Многу бавно се работи, многу. Ни автобус веќе немаме тука, со кола мора да лазиш преку прекопите за да стигнеш дома. Катастрофа е градов, навистина. Само нервози по улициве – реагира жител на улицата.

Кога на крајот на септември започна реконструкцијата, градоначалничката Данела Арсовска соопшти дека се реконструира вкупна површина од 6520 м2 во должина од 800 метри, а дека обновата се прави на барање на жителите кои редовно транзитираат во овој дел на градот, при што со проектот треба дополнително да се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот.

Се заменуваат оштетените рабници, се нивелираат шахти и сливници, планирано е и соодветно хортикултурно уредување. Истовремено Град Скопје инвестира и во нова атмосферска канализација во должина од 900 метри, а се врши и целосна реконструкција на водоводната мрежа – изјави тогаш Арсовска.

Рокот на изведба на улицата Димо Хаџи Димов е три месеци, а Градот Скопје оваа реконструкција ќе го чини 41 милион денари. Третиот месец веќе тече.

Видео на денот