Жилијен Жубер за МИА: Клучна е енергетската ефикасност на живеалиштата

 Во затоплувањето на домаќинствата треба да се искористат сите расположливи обновливи извори, зависно од регионот, од земјата, со цел намалување на аерозагадувањето. Северна Македонија можеби би можела повеќе да користи сончева енергија, да се сврти кон тој извор, но важно е сите тие извори на енергија да бидат комплементарни, да се надополнуваат. Особено важна е и енергетската ефикасност на живеалиштата.

Ова во разговор за МИА го вели експертот за енергетски ефикасни топлотни системи Жилијен Жубер, од организацијата Energies Cities – Европска асоцијација на градови во енергетска транзиција чија членка од 2007 е и Скопје. Тој беше во посета на Скопје на покана од Францускиот институт во Скопје,  каде учествуваше на дебата на тема „Климатското затоплување на Балканот: каква преобразба за градовите?”, со фокус на две теми – средствата за јавен превоз и затоплувањето на домаќинствата на која учествуваше.

 

-Првата работа што би ја кажал за да се намали емисијата на штетни честички е пред се да се работи на енергетска ефикасност на фасадите, на добра изолација на живеалиштата, на зградите. Можеме да зборуваме за обновливи енергии за затоплување меѓутоа кај постари објекти без добра излоација се губи непотребно значаен дел од енергијата, вели Жубер. кој е проект менаџер за планирање на енергетски системи.

Кога зборуваме за обновливи извори на енергија и како би дошло до помало загадување во однос на затоплувањето, односно греењето на домовите,според него, ќе треба да се обрне внимание на мрежа на можности за затоплување, да се користат различни типови на обновливи енергии кои што би можеле да послужат за затоплување, како што е топла вода која би циркулирала во зградата, која би се загревала преку различни извори. Тоа би можело да бидат дрва, соларна енергија, геотермална енергија. Можат да се користат и некои индустриски процеси кои што произведуваат топлина и која може да се користи за затоплување.

-Во Франција, што се однесува до градското затоплување, за двапати помалку е загадувањето при користење на природен гас, во однос на дрвата, а уште помалку е во споредба со јагленот. Поентата е да се има централно греење кое користи различни извори на енергија. Тоа би овозможило многу попостојана, константна цена, да нема многу варирања во цената како што е случајот со природниот гас на кој постојано му се менува цената. Во Франција користиме локални извори на енергија, на пример како извор на топлина се користи согорување на ѓубре во инсенератор. Денес во Франција има многу придобивки од користење на вакви локални обновливи извори на енергија  затоа што се користат локални домашни извори на енергија, тоа подразбира исто така и повеќе вработувања, цената е компетитивна, а тоа е особено важно ако се има предвид дека цената на гасот постојано расте и варира на берзите, вели тој.

 

За Скопје кои би биле тие локални обновливи извори на енергија кои би можеле да се користат, Жубер вели не би можел да каже прецизно затоа што нема видено некоја студија која го обработува тој проблем, ниту пак ги познава потенцијалите на градот и на регионот. Но, нагласува, секој град си има свои специфики. Во Безансон од каде доаѓа тој, затоплувањето на домовите е со дрва, со согорување на отпад во инсенератор и мал дел на гас. Стразбур и Париз многу повеќе полагаат на геотермални извори.

-Мојата порака би била дека секако треба да се искористат сите расположливи обновливи извори, зависно од регионот, од земјата. Сметам дека Македонија можеби би можела повеќе да користи сончева енергија, да се сврти кон тој извор. Во Франција користењето на сончева енергија не е многу развиено. Повеќе се работи за употреба на дрва, но сите тие извори на енергија треба да бидат комплементарни, да се надополнуваат. За пример би ја дал Данска која што е можеби лидер во Европа во однос на користењето на сончевата енергија за затоплување. Имаат изградено многу соларни централи и се лидер во користење на сончева енергија, вели францускиот експерт.

Проблемот со енергетската сиромаштија

Во услови на енергетска криза проблемот се енергетска сиромаштија доаѓа до израз. Скопје е дел од пилот проектот Power up заедно со уште пет други европски градови, кој го координира „Енерџи Ситис” за справување со проблемот на енергетската сиромаштија, а кој треба да овозможи најмалку 2,5 милиони евра инвестиции во одржлива енергија. Проектот е на својот почеток, започна оваа есен, финансиран е од ЕУ.

Жубер појаснува дека станува збор за европска програма за научна соработка, истражување и помош, за вакви проекти работат со неколку други европски градови, како и со европски експерти како од Универзитетот од Манчестер.

Идејата на проектот е да се изработи студија за користење на обновлива енергија за граѓаните кои се наоѓаат во енергетска сиромаштија.

-Идејата на проектот е да им се помогне на оние граѓани кои имаат потешкотии да си ги платат сметките за греење или кои имаат проблем воопшто со греењето. Целта е тие да се приклучат и самите да бидат актери во создавање на таа енергија за греење и на тој начин да бидат посовесни за самата консумација на греењето. Всушност идејата е да се стигне до еден бизнис модел во кој би се вклучиле сите – локалната власт, локалните снабдувачи со енергија и самите потрошувачи, вели Жубер.

Иако проектот е финансиран од ЕУ, тој во иднината би требало да се реплицира во повеќе градови.

-Во Европа со приватните снабдувачи со енергија се јавуваат проблеми затоа што имаат доста високи цени кои што на еден дел од граѓаните не им одговараат. Затоа сметаме дека има потреба од друг актер кој би имал друг пристап, социјален. Дали тоа би биле граѓански кооперативи кои можеби самите би произведувале енергија или тоа би биле т.н. градски кооперативи, кои што би функционирале како социјални претпријатија, нагласува Жубер.

 

Според одредени проценки во моментов во Европа 50 милиони жители се соочуваат со енергетска сиромаштија. Во Северна Македонија помошта за справување со енергетска сиромаштија на ранливите категории е со субвенционирање на сметката за електрична енергија. Субвенции за енергетска сиромаштија според информации од МТСП, користат околу 9 822 пензионери и 3213 граѓани.

А за тоа како овој проблем се решава во Франција, Жубер во разговор за МИА вели дека во моментов не расолага со точни бројки, но оти за за овие семејства се користи субвенционирањето со чекови за семејствата.

-Владата го покачи износот по 100 евра за домаќинство. Проблемот со енергетската криза е присутен и во Франција со тоа што Владата се обидува да ја држи ценатата на електричната енергија на одредено ниво иако на пазарот расте цената. Меѓутоа и кога ќе се стабилизира пазарот, ценатата на струјата ќе биде повисока, а потрошувачите се тие кои што плаќаат.Тоа се всушност краткорочни мерки кои не го решвааат проблемот на подолг рок . Всушност денеска треба да се обрне многу повеќе внимание на онаа енергетска ефикасност, односно на изолацијата на живеалиштатат, на зградите. Во Франција малку доцниме во тој поглед меѓутоа мислам дека тоа е најдобро решение за овој проблем истакнува Жубер.

За тоа, вели, постојат државни стандарди кои што исто така произлегуваат од правилата во ЕУ, но тие се однесуваат на новите градби, но најкомплицирано е да се реновираат веќе постоечките градби и живеалишта. Во Франција се дава државна помош за градбите, тоа може да бидат куќи или згради приватна сопственост. Кај индивидуалните градби процесот е покомплициран, бидејќи, вели, сопственикот не може да биде упатен за енергетската ефикасност, а тука е и социјалниот момент, како и други аспекти.

Од пред неколку години, посочува Жубер, она што градовите во Франција почнаа да го развиваат е да им се нуди на граѓаните помош од советници кои би им помогнале со совети во сите процедури и прашања доколку некој сака да ја реновира куќата. Да им ги објаснат сите работи околу изолацијата, околу изборот на прозорци.

-Всушност градовите се тие кои започнаа со овој прект, но во Франција се предвидува за 2022-2023 година да се донесе план на државно ниво, кој би го применувале градовите, но со национална поддршка. Од друга страна мислам дека и во Скопје е отворен таков центар за помош на граѓаните во тој поглед. Затоа што за реновирање на индивидуална градба, одредени градови покрај давање совети од советници при планирање на реновирањето, даваат и финансиска помош, субвенции.

 

Во земјава во насока на заштеда на електричната енергија и намалување на аерозагадувањето веќе некое време од Министерството за економија се врши и субвенционирање на граѓаните за набавка на соларни панели, клими инвертери и замена на печките на дрва со печки на пелети. Тој смета дека ова се добри мерки и истите се применувани и во Франција.

-За фотоволтаичните панели мерките почнаа кон крајот на 90-тите години, 2000-та.Овој процес би требало побрзо да оди да се збрза како во Франција, така и тука. Тоа зависи исто така и од легислативата. Во Европа законодавството за примена на фотоволтаиците станува пофлексибилно што овозможува на оние индивидуални производители на енергија да можат да разменуваат енергија меѓу себе дури и да ја продаваат  (вишоците). За ова разговаравме со партнерите овде и разбравме дека има одредени ограничувања во однос на моќноста дозволена на одредени градби. Така за индивидуални објекти ограничувањето на моќност е 4 киловати, посочува францускиот стручњак.

Домаќинствата, овде, немаат право да го продаваат вишокот на електрична енергија што ја произведуваат соларните панели и тоа е нешто што на некој начин го кочи развојот на тие технологии.Тоа е едноставно кочница на законската регулатива, вели Жубер.

 

Во ЕУ ценатата за откупот на електрична енергија произведена од вакви панели дого време беше загарантирана. Со оглед дека ценатата на тие панели се намали, па се намали и ценатата на струјата произведена на тој начин. Со нови законски решенија се овозможи овие вишоци на струја вака произведена од индивидулани сопственици да може да се споделат во заедницата околу нив.

Запрашан која е формата на греење на домаќинставта на иднината – дали се тоа геотермалните пумпи, соларната енергија или ветерот како обновливи зелени извори, Жубер нагласува дека не постои едно единствено решение.

-Непостои едно единстевно решение, туку има решенија кои зависат од земјата и од градот конкретно. Пример топлотните пумпи треба да бидат потхранети со зелена електрична енергија, тука се и сите оние топлински мрежи кои исто така можат да ја црпат топлината на најразличен начини како што се геотермалните води или други извори на енергија. Во секој случај треба да излеземе од таа шема дека има една енергија која е спасоносна. Нема да има една технологија, од друга страна треба самите да се ресетираме, помалку да конзумираме енергија, односно да ја штедиме, порачува Жилијен Жубер во разговор за МИА.

Видео на денот