Жичницата на Водно првин ќе се проверува, а потоа ќе превезува патници

Жичница на Водно: Фото: Архива

Од ЈСП „Скопје“ велат дека се во процедура за обезбедување инспекциски надзор од австрискиот производител на жичницата, кој е неопходен за повторно пуштање на објектот во употреба, а имајќи ги предвид, како што велат, пропишаните сервисни интервали и начин на одржување.

Авантуристите и вљубениците во природата што уживаат да ја гледаат околината од птичја перспектива, но и оние што немаат доволно кондиција и наместо пеш уживаа да се искачат до Милениумскиот крст со жичница, тоа не можат да го направат ниту ова лето.

Жичницата  престана да превезува патници од Средно Водно до крстот на почетокот на прогласувањето пандемија поради коронавирусот, што трае нешто повеќе од една и пол година. Како што информираат од ЈСП „Скопје“, кое е надлежно за жичницата, на една од најголемите туристички атракции за скопјани, и покрај укинувањето на поголемиот број мерки за заштита од ковид-19, неопходна е комплетна проверка на објектот.

-Жичарницата не е во функција поради неопходната комплетна проверка на објектот од секој аспект, имајќи предвид дека таа не е во функција речиси година и пол, како една од мерките за намалување на опасноста од ширење на ковид-19. Во процедура сме за обезбедување инспекциски надзор од австрискиот производител на жичарницата, кој е неопходен за повторно пуштање на објектот во употреба, а имајќи ги предвид пропишаните сервисни интервали и начин на одржување. Поточно, бараме согласност за нејзината функционалност и безбедност, односно побаравме вонреден инспекциски надзор и евентуално дијагностицирање на потребните сервисни активности – објаснуваат од ЈСП „Скопје“.

Откако ќе се направи комплетната проверка, но и откако ќе се тргне забраната за движење на Водно што беше донесена деновиве од властите поради зголемениот ризик  од пожари од високите температури и портокаловата фаза со која е зафатен регионов, како и големиот број локални пожари, скопјани и туристите што сакаат да го посетат Водно, повторно ќе имаат можност да ја користат  жичницата.

Колку за потсетување, жичарницата „Милениумски крст“ беше пуштена во употреба во јуни 2011 година. Се движи со брзина од шест метри во секунда и оваа должина ја совладува за 4 минути и 18 секунди. Патниците се распоредуваат во 28 кабини за по осум патници и две кабини за четворица патници. Вкупниот капацитет на жичницата е 1.160 патници на час, се наведува во соопштението од ЈСП „Скопје“.

Оваа туристичка атракција од нејзиното пуштање во употреба па  до пред пандемијата, беше посетувана од илјадници граѓани неделно. Најбројни беа посетите за време на викенди и празници, кога можеа да се забележат сите категории граѓани. Скопјани, туристи и жители од другите градови ја користеа жичницата, уживаа во чистиот воздух и природата, панорамски разгледувајќи ги градот и планината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот