Жестока реакција: И судските курири, шалтерските работници и дактилографите се на првата линија за зараза

Кривичен суд / Фото: МИА

Синдикатот на УПОЗ остро реагира на вакцинацијата во правосудството, прашувајќи се дали животот на судиите и обвинителите вреди повеќе од животот на судските и јавнообвинителските службеници?

-Согласно барањата на Синдикатот на УПОЗ и Националниот план за вакцинација, вработените во правосудството (судовите и обвинителствата), спаѓаа во приоритетната категорија за вакцинирање против ковид -19. Како синдикат го поздравивме ваквиот пристап и се надевавме дека вакцинирањето на вработените во правосудството ќе се заврши навремено бидејќи овие вработени работат со странки и директно се изложени на ризик од зараза – стои во обраќањето на овој Синдикат до Владата и Министерството за здравство. 

-Во судовите скоро сите вработени се изложени на ризик, вели за „Слободен печат“, Пеце Груевски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Груевски објаснува дека, судските доставувачи – куририте, секојдневно носат судска пошта и остваруваат контакт со граѓани, за кои и не знаат дали се суспектни на вирусот или не, а тука се шалтерските работници кои примаат поднесоци од странки и издаваат увренија, потврди и.т.н. директно на странките. Во таа група се и судските полицајци на кои работните места им се на влезовите во судовите и се првиот контакт со странките, судските записничари – дактилографи и судските соработници кои се дел од тимот на судиите и на крај судиите.

-Оттука не е јасно, зошто вакцинацијата почна само со судиите и обвинителите, а не и со вработените од судската и јавнообвинителската служба. Иако работата во судовите и обвинителствата е тимска и судиите и обвинителите не можат да работат без службениците. По се изгледа е проценето дека животите на функционерите се поважни од оние на вработените – додава Груевски.

Во вторникот беа вакцинирани 279 судии и над 100 обвинители, а вкупниот број вработени во судовите и обвинителствата е над 4.000.

-Вие сами проценете дали со вакцинација на 379 функционери се заштитени другите вработени или уште повеќе се доведени во ризик. Затоа апелираме во најкраток можен рок да се обезбеди имунизација за вработените во судската и јавнообвинителската служба, како и превоз до и од пунктовите за вакцинација, за дополнително да се заштити здравјето на вработените – порачува Груевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот