Жестока пресметка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, партиите на Aлбанците и од власта и опозицијата мудро молчат

Фото: mia.mk

Жестока собраниска расправа за Законот за попис, меѓу власта и опозицијата. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека законот е политички договор меѓу СДСМ и ДУИ, и дека затоа не е прифатена ниту една забелешка на опозицијата.

Најавија дека нема да гласаат за закон со кој ќе се спроведува попис кој нема да даде точни податоци дека нема да ги признае резултатите. Посочија дека доколку власта не го одложи пописот поради коронавирусот, или, пак не го повлече и го преработи Законот, ВМРО-ДПМНЕ ќе почне иницијатива за собирање на потписи за негово поништување.

Побараа одговори дали ќе бидат попишувани државјани или резиденти на Македонија, но и што ќе се случува со граѓаните кои имаат двојно државјанство. Според нив од пописот зависи развојот на економијата, земјоделието, а не опстанокот на коалицијата СДСМ – ДУИ. Ја прашаа власта во која друга институција има врзани потписи и поделена одговорност меѓу директорот и заменикот директор на Заводот за статистика. Според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова Законот не е усогласен со европската регулатива иако Законот е со европско знаменце.

-Се попишуваат личности кои нормално го поминуваат денот и дневниот одмор на тоа место, и двата услови кои воопшто ги нема во овој закон. Се попишуваат само оние лица кои се најдолго 12 месеци надвор или ако се вратени, кои се најмалку 12 месеци дома. Овој закон се вика Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во РСМ, ама јас ве прашувам: Како тогаш се попишуваат „државјани“? Каде тоа, на кој попис „државјани“ се попишуваат, без оглед колку долго се надвор, Да ви кажам нешто ако се држиме до стандардите, тогаш отворете ги најновите закони на Србија, Босна и Херцеговина, на Франција или на Шкотска. Нема да најдете во ниту еден од нив дека се попишуваат државјани без оглед на тоа колку се надвор. Тие се прават врз основа на регистри. Нас ни треба реален попис, на оние кои во критичниот момент се попишуваат. Тоа е статистика. Не правиме избирачки список, вели Гордана Силјановска Давкова.

Според владејачкото мнозинство пописот е статистичка операција која само во Македонија и Сомалија не е спроведена речиси две децении. Од СДСМ посочија дека не треба да се креира сомнеж уште пред да почне пописот, но и дека не може да се зборува паушално, пред да биде спроведено пребројувањето. Ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека со прекинатиот попис во 2011 година, искреирале црна слика за Македонија.

Пратеничката на СДСМ Снежана Ванчева Калевска праша зошто да нема врзан потпис кога со тоа би се споделила одговорноста и дека Законот има европско знаменце бидејќи е усогласен со четири европски регулативи.

– Не правиме избирачки список, ниту избори туку правиме попис, и се согласувам, е па ако е така фингерпринтот каква врска има со овој Закон, ние ќе ги попишуваме само оние кои се над 18 години, бидејќи само тие над 18 години и деловно способни можат да гласаат. Многу сте контрадикторни. Точно е немаме целосна усогласеност но целосната усогласеност ќе мораме да ја имаме тогаш кога ќе бидеме членка на ЕУ, има уште една работа ако ние како општество сме одлучиле да ги попишеме и граѓаните, нашите државјани кои живеат надвор, тоа е општествен наш договор бидејќи имаме интерес да знаеме колку луге надвор ни живеат. А дали тие ќе влезат во она што значи Регистар – попис на население што резидентно живее тука, е тука е разликата, има разлика од таа категорија на граѓани и оваа категорија на граѓани и ве молам да не манипулираме, рече Снежана Ванчева Калеска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот