Жешките прашања ја стопија довербата во власта

Фото: Слободен печат

Повеќе од половина од граѓаните или 51,3 проценти не ја одобруваат работата на Владата, наспроти 43,8 проценти кои ја одобруваат, покажува најновото истражување спроведено од „М-Проспект“.

Интересно е тоа што за разлика од лани ова време, кога минатогодишното истражување покажа дека 47,4 проценти од граѓаните се незадоволни од работата на Владата, наспроти 49 проценти кои сметаа дека македонските власти одлично си ја вршат својата работа, годинава е забележан значителен пад во довербата. Како што соопштуваат од агенцијата, најмногу од испитаниците, односно 45 проценти од нив, сега ја одобруваат работата на Владата во надворешната политика, наспроти оние 51 отсто кои не ја одобруваат. Во однос на економијата и отворањето нови работни места само 37,6 отсто од граѓаните ја одобруваат работата на Владата во овој поглед, а дури 56 отсто од нив не ја одобруваат. Во борбата против корупцијата и криминалот, пак, работата на Владата ја одобриле третина од испитаниците или 34,9 проценти, наспроти речиси две третини или 59,3 проценти кои не ја одобриле.

На прашањето кое од министерствата најдобро си ја врши работата, најмногу од граѓаните или 9,5 отсто оцениле дека тоа е Министерството за надворешни работи (МНР), а исто така посочиле дека веднаш зад него се наоѓа Министерството за труд и социјална политика. На третото место се наоѓа Министерството за внатрешни работи (МВР), а потоа следуваат и министерствата за економија, за земјоделство и за правда. На прашањето, пак, кое од министерствата најлошо си ја врши работата, најмногу од граѓаните, или 16,8 проценти, рекле дека тоа е Министерството за здравство, а 6,3 отсто од испитаниците посочиле дека тоа е Министерството за економија. На третото место повторно се наоѓа МВР, а зад него се МНР, Министерството за правда и Министерството за финансии.

Во истражувањето не е изоставено ниту Специјалното јавно обвинителство (СЈО), па на прашањето колкава е довербата во оваа институција, 57,1 отсто од граѓаните одговориле дека немаат никаква доверба, наспроти 37,5 отсто кои се изјасниле дека целосно веруваат.

Како што информираат од агенцијата, анкетата била спроведена теренски на примерок од 1.000 испитаници постари од 18 години, на македонски и на албански јазик, во периодот од 15 мај до 7 јуни годинава.

Месецов беше објавена и уште една анкета спроведена од Центарот за европски стратегии Евротинк, која исто така покажа загрижувачки резултати за довербата на граѓаните во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Таму беше наведено дека перцепцијата на граѓаните за нивната независност годинава бележи двојно опаѓачки тренд, односно нешто помалку од 20 отсто од граѓаните веруваат дека двете агенции се независни од бизнис и од политичките центри на моќ. Според резултатите, над 60 отсто од испитаниците рекле дека сметаат оти на раководните функции на двете агенции се поставуваат само личности кои се блиски до одредена политичка партија.

Пекевски: Ветеното не е исполнето

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека сите проблеми што секојдневно ги тиштат граѓаните придонеле сега да читаме за крајно разочарувачки резултати во анкетите за доверба во Владата.

– Прво, не е исполнето ништо од она што го ветуваше власта. Второ, криминалот и корупцијата во земјава сè уште се на многу високо ниво, а тоа воопшто не му се допаѓа на обичниот граѓанин. И трето, СЈО повеќе не може ни да се смета за обвинителство, бидејќи во последно време се претвори само во потврда на барањата од оние кои се обвинети. Јас очекувам дека довербата во Владата уште повеќе ќе паѓа во претстојниот период. Доволен показател за ова беа и резултатите од претседателските избори кои му испратија сериозен сигнал на премиерот Зоран Заев дека овде не е сè како што треба да биде. Сепак, видовме дека власта одби да ги прифати реакциите на народот, а тоа се повтори и со долгонајавуваната „метла“ која на крајот излезе дека е обична шминка. Едноставно, овие работи ги иритираат граѓаните и прават тие да бидат незадоволни. Ако наскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори, на пример, тогаш премиерот уште веднаш треба сериозно да се фати за работа. Во спротивно, со вакво незадоволство кај гласачите, тој би можел да доживее политички колапс – објаснува Пекевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот