Женски приказни: Атина, мораш да го издржиш тоа! Хероjскиот живот на нашата спортска легенда

Нејзиниот живот е мотив за многу  документарни и еден игран филм. Ликот е овековечен во култниот филм „Исправи се Делфина“.

Фото: IMDB / kinopoisk.ru

Атина Бојаџи е жената која беше на речиси секоја насловна страна од југословенските списанија и магазини затоа што ги сруши сите светски рекорди во пливање.

Храбрата охриѓанка, е и единствената жена во светот што го препливала Средоземното Море и застрашувачкиот канал Ламанш. Со овој подвиг таа си ја обезбеди титулата спортист на 20 век.

Родена е на 13 март 1944 година во Охрид и на 11-годишна возраст успева да ги собори сите македонски рекорди во пливање на кратки патеки, во слободен стил, делфин, освојувајќи го првиот Охридски пливачки маратон на 18 годишна возраст.

По завршувањето на маратонската делница Капри-Неапол, истата 1962 година станала и најмладата светска шампионка во маратонско пливање на солени води.

За своите постигнати професионални успеси добила огромен број награди и признанија, златни и сребрени медали и пехари.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Таа е наша гордост, жена со светска слава, младата девојка со која се гордееше Охрид на првиот Охридски пливачки маратон, жената која беше одликувана со орден за храброст од либанскиот претседател затоа што го преплива Средоземното Море, со Бејрутскиот маратон долг 42 километри, еден од најтешките маратони во светот.

Врвот на нејзината кариера го достигнала со препливување на каналот Ламанш на 9 септември 1969, препливувајќи ја патеката долга 50 километри за 13 часа и 20 минути.

Нејзиниот лик е овековечен во култниот филм „Исправи се Делфина“, снимен во 1977 година, а самата Бојаџи соработувала како актер снимајќи дел од сцените.

Маратонската кариера на Атина Бојаџи траела цели 12 години. Со приеми била почестена од претседатели и државници, била примена од претседателот на СФРЈ, Јосип  Броз Тито и од многу други.

Пливачката кариера ја заменила со тренерска, прво во белградскиот клуб „Црвена ѕвезда“, а потоа и во Спортскиот центар „Лос Анџелес“ во САД. По враќањето во Македонија била вклучена во организационите тела на Охридскиот пливачки маратон.

Меѓу бројните награди што  ги добила е наградата  за животно дело од Пливачката федерација на Македонија, ја добила и  наградата „Крсте Петков Мисирков“.

Во 1998 година Македонскиот олимписки комитет ја овенчува со признанието „Великан на македонскиот спорт“, а во 2000 година дневниот весникот „Утрински весник“ ја прогласува за спортист на векот. Во нејзина чест, спортскиот комплекс кај Билјанини Извори во Охрид го носи нејзиното име.

Атина Бојаџи почина во Скопје на 28 декември,  2010 година, по кратко боледување, на 66- годишна возраст.

Проектот на Музејот на македонска борба „Неколку нијанси женски приказни“, ги величи жените во Македонија од почетокот на 20 век до денес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот