Жените во новинарството честопати мета на сексистички напади

Новинари / Фото: МИА

Според регистарот на напади кон новинари на Здружението на новинарите на Македонија, во 2020 година се нотирани вкупно 14 посериозни закани по безбедноста на новинарите и медиумските работници, од кои, повеќе од половина се кон новинарки.

Мизогинијата, како што стои во публикацијата „14 Напади врз новинарите, 14 Бодежи на демократијата“, во комбинација со онлајн-насилството, се вистинска закана за учеството на жените во новинарството и јавната комуникација во дигиталната ера.

– Со сè почесто користење на дигиталните платформи, новинарките се соочуваат со зголемен ризик во својата работа и сè почесто со сексистички напади. Во онлајн-сферата се среќаваа примери на закани, уцени, говор на омраза и дезинформации кон одредени новинарки, стои во публикацијата.

Фактот дека изминатата година имаше многу случаи кога мразечките наративи беа насочени кон новинарките, го потврди и Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми, која со МИА сподели дека имало повеќе случаи на закани, напади и навреди на социјалните мрежи кои што биле насочени кон новинарки.

– Новинарките беа дискредитирани професионално и приватно. Тоа беа притисоци насочени кон нив, меѓутоа и кон медумите во кои што работат, вели Никодиноска за МИА.

Дел од новинарките кои што беа нападнати во текот изминатата 2020-та година, ги споделија своите приказни со МИА. Две од нив се жртви на вербален напад со мразечки и заканувачки наративи, а една од нив е жртва и на физички напад. Од сите три, разрешница има само за една, што всушност претставува и единствениот решен случај од 14-те севкупни напади врз новинари за 2020 година.

Новинарката Тања Милевска, дописник од Брисел за Медиумската информативна агенција – МИА, ден пред изборниот молк, на 11 јули 2020 година примила закани по животот и закани за силување како и сексистички навреди на Твитер и на Фејсбук поради нејзините јавни ставови изразени на социјалните мрежи. Случајот е пријавен во полиција, но, досега не се поднесени кривични пријави.

– Можете да замислите како се доживува таков случај кога сте жена која живее сама, во таква ситуација кога знаете дека има македонска дијаспора. Иако сум далеку од Македонија, јас навистина во тој момент се исплашив и не се срамам да го кажам тоа. Мислам дека не треба да се срамиме да кажеме дека се плашиме, бидејќи ние нормално не би се заканиле на некој на улица, доколку го сретнеме. Интернетот не е ништо поразлично од тоа што се случува на улица. Ако вие не можете да се заканите со силување и со смрт некому на улица, не смеете тоа да го правите ниту на Интернет. Најмалку кога станува збор за новинари, вели Милевска.

Единствениот случај со правна разрешница беше вербалниот напад врз новинарката Мери Јордановска на која ѝ беа упатени закани и навреди од државен службеник вработен во Централниот регистар. Јордановска за МИА вели дека дополнително, со години била предмет на напад од, како што вели, еден „т.н. водител”.

– Не поради мој текст кој што сум го напишала, првично беше дали сум била мажена, па откако се омажив дали сум се здебелила. Тоа одеше до недоглед и тоа е нешто што прави голема штета не само врз мојот углед и достоинство, туку многу го погодува и семејството, односно е многу непријатно за жена и за кој било да се гледа по социјалните мрежи кога се дисквалификува кој било човек на таков начин, споделува Јордановска.

Милка Смилевска, новинар во „Ал Џазира“ за МИА вели дека смета оти повеќе се работи за личен став и лична позиција кај секој поединец.

– Без разлика дали е маж или жена, треба да се постави професионално, да се води од тоа и мислам дека никој од нас не би имал проблем. Во секој случај, жените се понежни, поранливи, веројатно на тие што се напаѓачи тие им изгледаат и побеспомошно. Меѓутоа, во мојот случај, не се покажа така, јас бев храбра и немав проблем да го побарам напаѓачот и лично да се соочам со него, вели Смилевска.

Родовата нееднаквост предизвик, неказнивоста стандард

Системската заштита за медиумските работници воопшто, како и за новинарките, веќе подолго време „чека” на законски измени кои што ќе овозможат безбеден простор за слободно изразување и реализирање на својата професија, притоа не стравувајќи за својата личност, дигнитет и живот.

Никодиноска посочи дека фактот што од сите случаи на напади изминатата година, разрешница има само за еден, е наведен и во Извештајот на Репортери без граници, со што смета дека тоа е порака до институциите дека ова треба да се земе предвид во понатамошното постапување при напади врз новинари и медиумски раотници.

Во најава се измени во Кривичниот законик за поголема заштита на новинарската фела, со кои нападот врз медиумските работници ќе добие ист третман како нападот врз службени лица. Измените се веќе објавени на ЕНЕР, а во собраниска процедура треба да се најдат до крајот на месецов.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, со МИА споделува дека при нападите на новинари во кои почесто станува збор за новинари кои што се жени, според него, може да има и родова дискриминација, а можеби и превагнува фактот што во поголем број во професијата работат жени, меѓутоа, како што вели, тоа треба навистина да се испита.

– Во секој случај, ние во истите измени на Кривичниот законик предвидуваме и зајакнување на заштитата на родовата еднаквост и на жените, бидејќи дел од идејата за измена на Кривичниот законик е да биде изменет тој сега во делот на заштита и зајакнување на заштитата на новинарите, но исто така и заштитата на жените преку имплементација на Истанбулската конвенција и во таа смисла има две нови кривични дела, демнење и сексуално вознемирување, има и квалификувани казни, значи потешки казни доколку нападот е извршен заради родова омраза, споделува Маричиќ.

Дополнува дека со тој пакет – заштита на новинарите и со имплементација на Истанбулската конвенција, доаѓаме до едно ново ниво на стандарди и една посилна заштита на новинарите и на новинарките.

Милевска нагласува дека не може да се третира заштитата, безбедноста на новинарите, без да се има на ум дека одредени категории на новинари се поранливи од другите и затоа смета дека новинарските здруженија и властите, мора да работат интерсекционално. Јордановска признава секаква конструктивна дебата во однос на напишан новинарски текст, без разлика дали станува збор за жена или маж новинар, меѓутоа, сè што оди надвор од тие рамки, односно секаква дискфалификација на личноста, смета дека мора да биде санкционирана на еден или друг начин.

Помеѓу останатите новинарки кои беа цел на напад изминатата година се и Искра Коровешовска, Наташа Стојановска, Анета Додевска, Алмедина Исмајли и Мирослава Бурнс. Сите тие беа изложени на навредливи и заканувачки пораки кои сами по себе не ја добија системската закрила која што им следува.

Измените во Кривичниот закон се на потег, додека шовинистичките стеги притискаат силно и во новинарската професија. Новинарството изискува јавно изразени ставови кои често знаат да пркосат на општествените стигми, а изразени од жена новинар дополнително го нагласуваат родовиот стереотип и предизикуваат агресивни и недолични коментари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот