Работници во Германија / Фото: Arne Trautmann / Panthermedia / Profimedia

Жените во Македонија сè уште се жртви на мобинг и дискриминација на работните места, ССМ бара итни промени

Подобра заштита на жените на работно место и поедноставување на процедурите за пријавување мобинг и дискриминација е заклучок на конференцијата „Жените, трудот и социјалната правда“, организирана од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Учесниците истакнаа дека иако законската рамка забранува вознемирување и дискриминација, во пракса постапките за докажување на вакви случаи се сложени и недоволно достапни за жртвите. Поради тоа, беше нагласена потребата од јасни насоки и поедноставени чекори кои би им помогнале на жените полесно да пријават вознемирување или неправилности на работното место, вклучително и преку синдикалните структури.

Претставничката на Секцијата на жените при ССМ, Ивана Димитрова, посочи дека жените се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг и дискриминација, а особено е проблематична практиката на откази за време на бременост или користење породилно отсуство, најчесто преку истекување на договори на определено време. Таа истакна дека е потребно ова прашање дополнително да се уреди и да се вклучи во колективните договори.

На конференцијата беше посочено и дека постои значителен родов јаз во платите, кој во зависност од секторот достигнува од 20 до 30 проценти за иста работна позиција. ССМ најави кампањи за унапредување на еднаквоста во платите меѓу мажите и жените.

Исто така, беше нагласено дека жените се застапени со околу 40 проценти во ССМ, а во рамки на организацијата веќе има и жени на раководни позиции. Од синдикатот посочија дека целта е ова учество да се зголеми и во иднина. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, истакна дека до синдикатот пристигнуваат пријави за мобинг и вознемирување на работното место, но дека постојните законски процедури се комплицирани и тешки за спроведување. Тој нагласи дека е потребна поефикасна заштита на работниците и подобра примена на законите во пракса.

Трендафилов: Една минимална плата не е доволна ни за „леб и вода“, ССМ на 1 мај ќе излезе на протест за повисоки плати и достоинствен живот

Конференцијата се одржа во рамките на одбележувањето на 80 години од основањето на ССМ и синдикалното движење во земјата, со акцент на унапредување на работничките и женските права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот