Жените во царината: Нема машки или женски работи, кариерата нема род

Царинската управа, поттикнати од стратегијата на Владата на РСМ за родова еднаквост, а во пресрет на Меѓународниот ден на жената – 8 Март, на симболичен начин ја истакна важноста на улогата на жената во современото општество, односно важноста на жената во Царинската управа. Оттаму информираат дека на настан организиран во Царинската управа на Република Северна Македонија, преку електронска платформа, неколку од жените вработени на раководни позиции се обратија до сите царински службеници.

Валентина Пивоварова, помошник директор на Сектор за човечки ресурси во своето обраќање истакна дека 29,5 отсто од вработените во Царинската управа се жени и оти во перидот кој претстои активно ќе се работи за изедначување на професиите кои се сметаат за машки и женски и еднаква застапеност бидејќи „Кариерата нема род”.

Саша Сашек Гошева, помошник директор на Сектор за финансиски прашања, зборуваше за тоа дека остварувањето на целите не секогаш е лесно, посебно не за жените, пропратено е со многу предизвици, позитивни и негативни страни, истакнувајќи дека нема магија во остварувањето на целите.

– Сè се сведува на тешката работа, вистинските избори и упорност. Да се биде успешна жена значи дека својата моќ ја добивате одвнатре како жена, а не од тоа што другите мислат, одобруваат или очекуваат од вас. Да се биде успешна жена значи да се најде сопствениот пат. Разбирањето дека не постои „идеален пат”, туку „идеален пат за вас” е клучот за вистински да се биде успешен”, вели таа.

Тања Илијоска, управник на Царинарница Гевгелија, во своето обраќање зборуваше за верувањата и традицијата за поделеноста на светот на машки и женски, но и за тоа дека ваквата пракса во последната деценија значително е променета, за на крај да истакне дека спротивно на неформално утврдените правила и стереотипи за поделба на работите на машки и женски било на професионален план или во домаќинствата, мора да се потенцира дека не е постои професионално подрачје во кое жена не може да работи. И со тоа треба да сме сите на чисто дека нема машки или женски работи.

Маџиде Атипи, шеф на царинска испостава Дебар, вели дека за неа лично нема тешка или лесна задача, но има задача која треба да се извршува сѐ додека не се постигне целта.

– Доколку постои добра координација, добра организација на работите и добро менаџирање на активностите, успехот е неизбежен, наведе таа.

На настанот се обрати директорот на Царинската управа, Горан Сугарески, кој ја искористи приликата да ги охрабри сите вработени, а особено жените, да делуваат проактивно на секое поле, и заеднички, како што рече доследно и професионално да ја остваруваме мисијата на Царинската управа.

Исто така, истакна и дека рамноправноста од секој аспект е негов приоритет, бидејќи таа претставува гаранција дека сите вработени целосно ќе ги искористат своите потенцијали и капацитети за лична реализација, во насока на заедничката визија и цел на институцијата: Да бидеме водечка Царинска управа во регионот што ќе дава силна поддршка на легалната економија и која ќе биде целосно усогласена со стандардите на Европската унија.

Во соопштението од Царинската управа стои податокот дека жените претставуваат околу половина од популацијата во светот. Врз основа на овој податок, би требало да се очекува дека половина од придобивките на развојниот процес одат кај жените, а другата половина кај мажите. Но, реалноста е поинаква. Менаџерите, како и општата популација, се уште силно веруваат дека менаџерскиот успех е поврзан со машки карактеристики. На колективно ниво, моќта е способност за комбинирање на различни извори на индивидуална моќ заради постигнување промена, односно поголеми придобивки за колективот отколку за индивидуата. А индивидуата е подеднакво моќна и способна, без разлика дали е од машки или женски род.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот