Жените и пензионерите први на удар на семејно насилство (ВИДЕО)

Жените и пензионерите се први на удар на семејно насилство. Тие се жртви, не само на физичко, туку и на психичко и економско семејно насилство и тортура, од најблиските, децата и внуците. За жал, бројот на жртви на оваа девијантност, наместо да се намалува, од година во година тој број е речиси константен, констатира Савка Тодоровска од НВО Национален совет за родова рамноправност.

Семејното насилство е облик на деликвентно и девијантно однесување. Тоа е насилство кое се случува во рамките на едно семејство, односно најголемата закана од внатрешен терор се наоѓа внатре, во домот.

Семејно насилство како поим подразбира малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема брачен другар, родители или деца, или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница, или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете, или се наоѓаат во лични блиски односи.

Секоја држава, меѓу кои и Македонија, вложува големи сили оваа општествено-девијантна појава да се намали.
Но, државните институции не можат сами да се „борат“ во таа тешка војна. За таа цел заедно треба да работат Центрите за социјална работа, полицијата, Јавното обвинителство и Невладиниот сектор.

Мрежата на достапни услуги за помош и поддршка на жените, претставува предуслов за елиминирање на насилството врз жените. Со обезбедување на соодветна помош, општеството покажува дека проблемот со насилството врз жените сериозно се третира и жртвите активно се поддржуваат.

Ваквата мрежа е исто така неопходна за работата во превенција од страна на полицијата, судството, здравствените и образовните институции на кои женските организации им се потребни како партнери во давање услуги за советување и поддршка на жените-жртви нанасилство. Женските НВО се многу важни за спроведување на правните одредби и нивна примена на ефикасен начин. Жените-жртви се сериозно истрауматизирани и потребно им е сигурно место и интензивна поддршка, затоа обезбедување на сигурно сместување во прифатилиште е од суштинско значење.

Законите за заштита од насилство се нужни, но мора да се истакне дека не нудат решение за секој проблем. Еден од клучните критериуми на добра пракса е обезбеден пристап до услуги на помош и поддршка на жените. Важен чекор во овој правец е отворање на национални и регионални СОС-телефони кои работат 24 часа, а повиците треба да бидат бесплатни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот