Жените да добиваат по три дена „менструален одмор“

unsplash

Неколку дена во месецот, додека жената има менструација, да отсуствува од работа и за тоа да ѝ биде или платено, или да не ѝ биде платено, но сепак да ја има опцијата да земе тн. „менструален одмор“.

Со вакво барање наскоро на маса ќе седнат претставници од невладината организација „Новинари за човекови права” откако направиле анкета со петстотини жени во земјава кои изразиле интерес ваква политика да биде дел од компаниите каде работат. Од испитаничките 91 процент се изјасниле дека сакаат политика на менструален одмор да се воведе во нивната организација.

Наташа Доковска од организацијата „Новинари за човекови права“ за „Слободен печат“ вели дека за почеток ќе се бара компаниите на доброволна основа да направат политики за менструален одмор.

– За ова официјално не сме разговарале уште со институциите. Прво испитавме  какво е расположението, тоа е првата фаза, а потоа почнуваме со разговори во Министерството за труд и социјална политика, како и со претставници на стопанските комори – изјави Доковска.

На анкетата од 500 испитанички 32 проценти одговориле дека за време на менструацијата отсуствуваат редовно од работа и тоа најчесто поради менструални болки, а потоа и поради немање услови за менструална хигиена на работа, а пет проценти рекле дека не одат на работа во овој период од месецот зашто не се чувствуваат пријатно.

Во Европа ниедна земја нема политика жените да земаат менструален одмор.

Земјите кои им даваат на жените платен менструален одмор се Индонезија, Јужна Кореа, Тајван и Замбија. Во Италија во 2017 година имаше обид да се воведат три слободни денови за жените, меѓутоа предлогот не беше изгласан, со реакции дека на ваков начин може да се потенцира родова нееднаквост на работното место, особено кога станува збор за жени на раководни позиции и Некои жени, пак, имаат резерви за предлогот зашто не сакаат да дискутираат за интимни и лични прашања со менаџер-маж. Постојат и аргументи дека менструалниот одмор би ги прикажал жените како помалку способни од мажите и да доведе до понатамошна дискриминација.

Сепак, некои приватни компании гиганти, меѓу кои и Најк, вклучуваат менструален одмор во својот Кодекс на однесување од 2007 година. Синдикатот на работниците во Австралија неодамна започна кампања за менструален одмор за вработените жени во Тојота и побара секоја жена да добие 12 платени денови годишно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот