Железнички коридори на колосекот Слепче

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Никој повеќе не верува дека од Скопје до Софија ќе се стасува со воз во 2027 година, а од Јадранско до Црно Море во 2030 година?!

Патничкиот воз од Скопје за Битола пред десетина дена беше блокиран од – расипана товарна локомотива. Патниците заглавија на станицата со симболичен назив – Слепче. Премрзнаа во возот што тргна во неделата попладне, а на крајната дестинација стаса – во понеделникот. Делница долга 175 километри ја мина за десет часа.

Поради вакви инциденти има сè помалку патници во возовите, и покрај тоа што е најевтин и најеколошки превоз. Патничкиот сообраќај континуирано опаѓа во квалитет и квантитет, а социјалните мрежи се полни со сведоштва за доцнења, за валкани вагони и за непридржување кон возниот ред. Како последица од таа состојба, голем дел од возовите се или укинати или со години не сообраќаат, со цел да не се зголемуваат загубите.

По речиси седум години од последната промоција на новите возови, кои владата на Никола Груевски ги изрекламира на сите ѕвона, скопјани лани добија можност да му се порадуваат на раскошот на синиот воз „Конектинг Европа експрес“, кој е на петнеделната турнеја низ Европа. Мина 26 држави и посети повеќе од 100 града за да го промовира железничкиот превоз во Европа во годината на железницата во Европа. Специјалниот воз, кој тргна од Лисабон, помина 20.000 километри, ја заврши својата мисија во Париз, а попатно застана и на Железничката станица во Скопје, која во таа чест беше барем подзачистена. Со возот пристигна и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој тогаш ја искористи можноста уште еднаш да потсети за нашата стратегиска визија да станеме полноправна членка на европското семејство. Се разбира и по којзнае кој пат да каже дека се градат коридорите 10 и 8. Тие пусти траси секогаш се споменуваат во изборна година, а веќе одамна се потонати во трње и камења. Граѓаните се шегуваат дека да се ставаше секоја година барем по еден железнички праг, досега ќе ја изградевме пругата кон Бугарија. Ах, пусти соништа… Затоа и никој повеќе не верува дека од Скопје до Софија, ќе се стасува со воз во 2027 година, а од Јадранско до Црно Море во 2030 година?!

Целосната санација и ревитализација на железничкиот систем, заврши како што почна. Помпезно најавените 107 товарни вагони стигнаа во 2015-та, а за нив беа платени 13,2 милиони евра. Властите се пофалија дека ќе пристигнат и првите од шесте гарнитури патнички возови кои чинеа околу 25 милиони евра. Покрај нови возови, Македонија требаше да добие и нови железнички станици. И толку. Возовите дојдоа, ама прастарата пруга не им дозволи да се покажат во вистинското светло. Иако се „баждарени“ да фрчат и со брзина од 150 километри, жална вистина е дека тие возови и натаму се влечкаат со педесетина километри на час, оти во Македонија нема пруга за толкави брзини.

Денес патувањето низ Европа со воз е побрзо отколку со авион, а Јапонија одамна тестира возови што јурат и со 500 километри на час. Италијанските возови го „намалија“ растојанието меѓу Милано, Фиренца или Рим на помалку од три часа. Од Пекинг до Шангај, 1.300 километри се минуваат за четири и пол часа, а од Париз до Марсеј (660 километри) се патува 3,5 часа. Дури ѝ соседството има со што да се пофали – брзата пруга од Србија е готова, ама со сигурност ќе ја заобиколи Македонија.

Либерализацијата на железничкиот сообраќај доцни најмалку десетина години. Продажбата на Македонски железници – Транспорт требаше да се одвива паралелно со тој процес. Од ресорното министерство очекуваа дека до крајот на 2022 година ќе бидат создадени сите неопходни услови за отворање на пазарот за железнички услуги за превоз. Еве, годинава завршува за еден месец, и ќе биде уште една промашена. За загубите на „Македонски железници – транспорт“ и Македонски железници – инфраструктура“ во просек се одлеваат по дваесетина милиони евра годишно, а математиката за изминатите дваесетина години е трошок од повеќе од 400 милиони евра. Тоа значи дека непрофесионалноста и лошото менаџирање „изеле“ една пруга до Бугарија. На здравје!

Тмурното железничко секојдневие ги разоткрива лажните ветувања на сите политички гарнитури досега, на кои коридорите 10 и 8 се составен дел од секоја кампања. За почетокот нека го пробијат заглавениот колосек кај Слепче!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот