Жбогар: Правната заштита од дискриминација на ЛГБТИ лицата клучна во секое демократско општество

Ова се очекува од сите земји-членки – сегашни и идни, наведува евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Правната заштита од дискриминација на ЛГБТИ лицата е клучна во секое демократско општество, наведува во пораката евроамбасадорот Самуел Жбогар по повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата.

– Во Европската Унија сите треба да се чувствуваат безбедно и да ја имаат слободата да бидат она што се. Потребна ни е еднаквост за сите и еднаквост во секоја смисла на зборот. ЕУ, како глобална сила за промени кон подобро во која почитувањето на човековите права и достоинство е темелна вредност, а „Обединети во различноста” нејзин најпрепознатлив слоган, мора да биде пример за тоа што значи еднаквост во секојдневниот живот. Ова се очекува од сите земји-членки – сегашни и идни, наведува Жбогар.

Натаму тој наведува дека борбата за правата на ЛГТБИ лицата произлезе од повеќевековната историја на општествен притисок и индивидуално страдање и оти ЕУ постигна многу во институционализацијата на таа борба. Сепак, како што наведува Жбогар претстои уште работа и оти очекува идните членки да го следат нивниот пример.

– Пред неполна година, Северна Македонија успешно ја организираше првата Парада на гордоста. Се подготвува регулирање на процедурите за признавање на родот. Граѓанското општество и полицијата почнаа соработка во однос на процедурите во врска со ЛГБТИ лицата, наведува Жбогар во пораката.

Сепак, како што посочува, говорот на омраза и предрасудите во општеството кон ЛГБТИ лицата се присутни, особено на социјалните мрежи.

– Сторителите на нападите врз ЛГБТИ-центарот во Скопје од пред неколку години се’ уште не се идентификувани и изведени пред лицето на правдата. Постојат извештаи дека трансродови лица биле предмет на негативен однос од страна на медицински лица и дека немаат целосен пристап до здравствени услуги. Тоа не смее да се случува, вели Жбогар.

Евроамбасадорот истакнува дека правната заштита од дискриминација на ЛГБТИ лицата е клучна во секое демократско општество. Оттука и потребата од ефективно антидискриминациско законодавство, во кое сексуалната ориентација и родовиот идентитет, меѓу останатото, претставуваат правна основа за заштита.

– Во сегашните Ковид-19-околности кои ја ставаат солидарноста во прв план, да направиме се’ за да се осигураме дека сите луѓе имаат не само еднаков пристап до здравството. Туку и дека сите луѓе може да бидат она што се. И да се чувствуваат прифатено поради тоа, посочува евроамбасадорот во пораката по повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот