Жбогар: ЕУ е со вас и е вашиот најсилен партнер во борбата со оваа болест

Помошта ја врачи шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Самуел Жбогар кој истакна дека ова е првиот пакет од поддршката што Брисел ја најави пред неколку недели, а ќе биде доставена на Клиничкиот центар и Болницата „Осми септември”.

Првите 12 машини за асистирано дишење – респиратори и друга лична заштитна опрема, како дел од проектираната помош на Европската Унија од четири милиони евра за итни медицински потреби за земјава денеска пристигна во Министерството за здравство.

Помошта ја врачи шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Самуел Жбогар кој истакна дека ова е првиот пакет од поддршката што Брисел ја најави пред неколку недели, а ќе биде доставена на Клиничкиот центар и Болницата „Осми септември”.

-На сите ни се познати трагичните слики што ги видовме во Милано и Ломбардија, кога поради недостиг на респиратори лекарите мораа да носат тешки одлуки. Во таа смисла, респираторите се од клучно значење за пациентите најпогодени од вирусот. Тешко е да се набават, оти на сите им требаат, но среќни сме што, со помошта од УНОПС, успеавме да донесеме 12 сега, а уште неколку ќе следуваат подоцна. Ова се првите респиратори што земјата ги добива по почетокот на кризата. Со ова потврдуваме, уште еднаш, дека ЕУ е со вас во кризава, рече Жбогар.

Земјите членки, додаде тој, продолжуваат да даваат поддршка, освен медицинската опрема, и преку неколку проекти за кои е разговарано со Владата за да и помогнеме и во соочувањето со економските последици од кризата.

-Ќе придонесеме и со 160 милиони евра во буџетот на државата за да се решат фискалните проблеми и земјата да може да обезбедува плати, субвенции и социјална помош во иднина. Денеска е убав ден, во кој ЕУ ви покажува дека е со вас и е вашиот најсилен партнер во борбата со оваа болест, порача евроамбасадорот Жбогар.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров нагласи дека оваа пратка е дел од големата помош што ја добиваме од ЕУ.

-ЕУ е несомнено нашиот најголем донатор во кризата предизвикана од пандемијата и оваа видлива и конкретна помош дава чувство на сплотеност, солидарност и сигурност дека заедно ќе излезме на крај од ова премрежје. Ние сме третирани речиси како да сме земја членка на Унијата во поглед на вклученост во механизмите и фондовите за справување со пандемијата од вирусот Ковид-19. За тоа говори не само денешната донација која доаѓа во вистински момент од 12 нови респиратори, 5.000 специјални заштитни маски за здравствените работници, туку и целокупната европска досега најавена и планирана помош… Благодарност до ЕУ што ги препознаа и поддржаа нашите напори за справување со овој заеднички глобален предизвик и благодарност што ни дадоа чувство на припадност кон Тимот Европа, подвлече Димитров.

Заменик министерот за здравство Арменд Арслани истакна дека помошта во медицинска и заштитна опрема во првата фаза од 12 респиратори ќе биде наменета за Клиниката за инфективни болести и за ГОБ „8 Септември”  каде се лекуваат најкомпликуваните случаи заболени од Ковид 19. Помошта содржи и 5.000 ФФП2 маски кои се дел од личната заштита на здравстевните работници.

-Со оваа помош ние ги зајакнуваме капацитетите на јавните здравствени установи со респиратори. Во моментов располагеме со 120 респиратори од нив 90 се во Скопје. Завршена е и набавка на дополнителни респиратори од страна на МЗ кои очекуваме да ни пристигнат, рече Арслани.

Донираните респиратори се од јужнокорејско производство со високи перформански со инвазивна и неинвазивна вентилација и се клучни за пациентите сместени во единиците за интензивна нега.

Инаку, четирите милиони евра за итна неопходна медицинска помош се дел од донацијата од 66 милиони евра од страна на ЕУ за справување на земјава со корона – кризата, рече Димитров, а вклучува и 3 милиони евра директна поддршка за буџетот на земјата која ќе биде трансферирана во наредните недели, 9 милиони за МСП, 40 милиони распределба на фондови за помош на МСП и мерки за активно вработување, 10 милиони евра алокација за можни здравствени и други итни потреби што може да се појават. Покрај оваа донација, посочи, Делегацијата на ЕУ заедно со други партнери е во процес на подготвување на можно пренасочување на фондови од постоечките проекти кон итни мерки за закрепнување поврзани со ковид кризата. ЕУ, рече Димитров, активираше и разни механизми за понатамошна помош во управување на кризата со Ковид 19 и потсети дека во средата ЕК предложи пред ЕП и Советот на ЕУ нови 160 милиони евра макрофинансиска помош за буџетот на земјата во форма на заеми за управување со фискалните последици од кризата.

Северна Македонија, наведе шефот на дипломатијата, има право да биде поврзана со Европскиот договор за јавни набавки за медицинска опрема и Системот на ЕУ за брзо предупредување од заразни болести. ЕУ е во процес на ослободување на извозот на медицинска опрема за земјите од Западен Балкан вклучувајќи не и нас. Како земја партнер имавме, рече, можност да побараме поддршка од Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, а покрај поддршката од ЕУ земјата доби и билатерална поддршка од многу земји членки на ЕУ.

Респираторите кои денеска пристигнаа во земјава се произведени во Јужна Кореја, а според договорот потпишан на 3 април, останува преку УНОПС да се испорачаат уште осум респираторни машини или вкупно 20. Во рамките на помошта од Европската Унија, во континуитет пристигнува медицинска и заштитна опрема согласно утврдената приоритетна листа, порано денеска информираа од СЕП кој е координатор на странската помош за земјава. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот