Жан Митрев и од странските амбасадори очекува „дијагноза“ за неговиот случај во Обвинителството

Фото: ИРЛ/принтскрин

Лекарот Жан Митрев и неговата истоимена клиничка болница испратиле писма до амбасадите на САД, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и до Делегацијата на ЕУ во државата со кои ги информирале за текот на истрагата по обвинението што против нив ги поднесе Основното јавно обвинителство во Скопје. Со писмото од клиниката, бил упатен и повик до амбасадите за нивното внимание и поголем мониторинг на одвивање на целата истражна постапка и основаноста на обвинението, поради, како што се вели во информацијата од клиниката, досегашното површно иследување на постапката.

– Ви се обраќам со намера да Ве информирам и запознам за случајот што верувам дека може да остави длабоки траги во општественото живеење, во перципирањето на здравствената професија и случај што претендира да воведе лоша пракса во правосудниот систем во државата. Ваквите примери можеби се ретки, но и како такви може да предизвикаат штета со далекусежни последици – стои во писмото до амбасадите и европското претставништво.

Во писмото, д-р Митрев се осврнал и на работата на клиниката, со акцент на периодот од ковид пандемијата на кој се однесува обвинението и кога, според потенцираното, клиничката болница „Жан Митрев“ го имала највисокиот процент на успех во третманот на пациенти со ковид-19, со 74,6 отсто излечени од сите случаи, додека пак смртноста била 25 проценти наспроти 51,5 проценти во другите болници. Митрев го потенцира и општествено значење на клиниката затоа што таа, според него, нуди врвна медицинска нега, максимален професионален ангажман и посветеност на добросостојбата на пациентот и надеж за излекување и за живот, дури и кога тоа не било случај во другите клиники.

– И покрај овие резултати, и покрај пожртвуваната работа на целиот тим, денес клиничката болница „Жан Митрев“ и моето име и дело се предмет на истрага за која имаме основани сомневања дека се спроведува површно без да се навлезе во суштината. Со ваквиот пристап не само што се занемаруваат многу елементи коишто се факти сами по себе, туку и се спречува фактичната вистина што нашите пациенти ја знаат и ја доживеале, што ние како персонал на клиниката сме ја доживеале, да биде докажана и институционално потврдена. Ваквиот површен пристап, само ја гребе површината на приказните за борбата за живот и ја девалвира пожртвуваноста на целосниот персонал на клиниката „Жан Митрев“, кој во тие моменти грижата за пациентите со ковид 19 и последици од коронавирусот ги стави пред себеси и своите семејства – наведува во писмото д-р Митрев.

На крајот од писмото, тој повторно се упатува повик за зголемен мониторинг на процесот поради „несериозниот и површен пристап“.

– Сведоштва за несериозноста и нецелосно иследување пристигнуваат од сите оние што се повикани како сведоци и кои можат најавтентично да посведочат како се боревме за животот и колку животи спасивме. И затоа Ви се обраќам со надеж и желба дека ќе го поттикне Вашиот интерес и ќе го побуди Вашиот фокус на мониторинг на овој случај. Верувам во една вистина, онаа што е поддржана со факти, и онаа што некој ја доживеал, треба само да се создадат услови за истата да ја види светлината на денот и да се толкува таква како што е, недвосмислено и целосно – го завршува писмото д-р Митрев.

За потсетување, скопското обвинителство по обемна истрага, на десетти јануари, поднесе обвинение против Жан Митрев и неговата болница, за кривично дело „измама” за што е предвидена казна затвор до десет години. Митрев се товари дека со прикривање факти, ги довел во заблуда пациентите болни од ковид дека со метотодот хемофилтрацијата ќе ги излекува од болеста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот