Зградата на „Водовод и канализација“ чинела повеќе од 11 милиони евра!

Со анекси на договорот, основната цена се зголемила за 15 отсто, најмногу за непредвидени и дополнителни работи, но ревизорот не се уверил дека тие работи не можеле да се предвидат со основниот договор.

Вработените во ЈП „Водовод и канализација“ во март 2017 година се преселија во новата барокна зграда, а тогаш во медиумите се пласираше веста дека таа чини 10 милиони евра. Но, со анекси и договори, како што може да се види во извештајот на Државниот завод за ревизија, цената на оваа барокна зграда се зголемила за 15 отсто и конечниот износ е 11,5 милиони евра! Но, бидејќи  изведувачот не ја изградил зградата навреме, му била наплатена банкарската гаранција од околу 440 илјади евра, што значи дека конечниот „цех“ за зградата бил повеќе од 11 милиони евра.

Во објавениот извештај за јавните набавки за јавните претпријатија, Државниот завод за ревизија детално опишува што се случувало со изградбата на барокната зграда на ЈП „Водовод и канализација“.

Првичниот договор за изградба на зграда на ЈП „Водовод и канализација“ е склучен во 2011 година, но изведувачот на градежните работи, австриската „Алпине бауер“, отишол под стечај и извршил дел од работата за што му биле платени 2,5 милиони евра. Во 2014 година се избрал нов изведувач, кој требало да продолжи со градежните работи и за тоа да добие 7,5 милиони евра, со што за овој и за претходниот изведувач требало да се потрошат вкупно 10 милиони евра. Но, потоа во периодот од 2015 до 2017 година биле склучени 7 анекси, меѓу кои и договори за непредвидени работи со вкупен износ од 1,5 милиони евра. Од овој износ 1 милион евра се за склучена постапка со преговарање без претходно објавен оглас.

„Постапката е спроведена поради пропусти, недостатоци и нејасни детали на основниот проект изработен пред почнување на градежните работи. Недостатоците на основниот проект ги констатирал надзорниот орган во текот на изведувањето на градежните работи. Поради тоа е изготвен „Проект за изменување и дополнување во тек на градба“, утврдува Државниот завод за ревизија.

Но, ревизорите потенцираат дека од извршената анализа, тие не се увериле дека овие работи не можеле да се предвидат во основниот проект.

„Тие се резултат на слабостите при планирање на јавните набавки, дотолку повеќе што проектот бил предмет на ревизија од ревидент“, пишува во Извештајот.

Ревизорот констатирал и дека зградата е вселена и пуштена во употреба во март 2017 година иако дозволата за употреба е издадена на 11 мај 2017 година. Притоа, ревизорот напоменува дека од март до мај се направени неколку технички прегледи, поради тоа што имало забелешки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот