Зголемувањето на пензиите од 2.500 денари ќе влезе во пензиската основица

Според законските измени, кога ќе се врати стариот метод на усогласување на пензиите од 1 септември 2025 година, сите пензии веќе ќе бидат зголемени за 5.000 денари и така зголемената пензија ќе биде основица за усогласувањето со трошоците за живот и со растот на платите

Со септемвриската пензија што ќе се исплаќа во октомври, повеќе од 340.000 пензионери ќе добијат зголемување по 2.500 денари. Собранието ги донесе законските измени што го овозможуваат ова зголемување, надвор од законската методологија. Следно исто такво зголемување, ќе има во март наредната година.

Иако за зголемувањето на пензиите, во изминатиов период долго време се зборуваше во јавноста, според реакциите на социјалните мрежи, на многу пензионери им остана нејасно дали ова е еднократно зголемување, или пак, ќе им влезе во основицата.

Според законските измени, кога ќе се врати стариот метод на усогласување на пензиите, од 1 септември 2025 година, сите пензии веќе ќе бидат зголемени за 5.000 денари и така зголемената пензија ќе биде основица за усогласувањето со трошоците за живот и со растот на платите.

– Ова не е еднократно зголемување на пензиите. Ова зголемување е составен дел од пензиите – децидни се експертите.

Одредбите од Законот за пензиско и инвалидско осигурување кои се однесуваат на усогласувањето на пензиите според утврдена методологија се ставаат во мирување, односно не се применуваат во период од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година.

„На 1 септември 2024 година, сите видови на пензии остварени во согласност со овој закон заклучно со 31 август 2024 година, се зголемуваат за 2.500 денари. На 1 март 2025 година, сите видови пензии остварени во согласност со овој закон заклучно со 28 февруари 2025 година, се зголемуваат за 2.500 денари“, пишува во изменетите членови.

Експертите објаснуваат дека ако некој се пензионира по 31 август, на пример на 5 септември, не може да смета на зголемувањето на пензијата од 2.500 денари, односно ќе треба да го чека зголемувањето од 2.500 денари што ќе се случи наредната година.

Според последните податоци, а кои се однесуваат за јули, просечната пензија е 21.213 денари, а септемвриската, според изгласаниот закон ќе биде 23.713 денари. Во јуни, 2.428 корисници имале најниски пензии од 13.192 денари што сега ќе бидат 15.692 денари. Износот на највисоката пензија е 80.280 денари и ја примаат 27 корисници, а со растот на пензиите од 2.500 денари, сега тие ќе примаат по 82.780 денари.

Според досегашните објаснувања на Министерството за финансии, во услови кога има многу ниски пензии, вака им се излегува во пресрет на нивните приматели. Со процентуалното усогласување, тие ќе добиеја мал пораст на пензии што се мери во стотици денари, за разлика од оние со високи пензии што ќе добиеја зголемување што се мери и во илјади денари. Ова е привремен начин, а потоа нивелирањето ќе се врши според утврдена методологија, затоа што, како што истакнаа многу експерти, пензијата е економска, а не социјална категорија и зависи од тоа колкав износ и колкав период некој издвојувал за пензиски придонес.

Одредбата за усогласување на пензиите која се стави во мирување, гласи: „Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50 отсто“.

Ако има дефлација, нема да има усогласување на пензиите

Со новите законски измени се даде одговор и на прашањето – што ако има дефлација. Од септември 2025 година, ако место инфлација, има намалување на трошоците за живот, тогаш нема да има усогласување на пензиите. Но, според сите официјални прогнози, во наредната година такво нешто не може да се очекува.
„Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на пензијата“, пишува во изменетиот закон.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот