Зголемената понуда ги поевтини доматите и краставиците

Домати краставици цени во маркети / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Цените „попуштија“ затоа што Турција ги отвори вратите за извозот, во Албанија има помасовно производство, па ги намали извозните цени, а од таму редовно купуваме, и истовремено веќе почна да стигнува домашното производство.

Низ пазарите веќе може да се најдат краставици и домати за 70 и 80 денари, но почеста цена е 120 денари. До пред една недела доматите беа по најмалку 150 и по 180 денари, а краставиците стигнуваа и до 200 денари. Во понудата на пазарите е и домашна пролетна зелка, која е 50 и 60 денари. Кромидот уште си ја држи цената од 80 и 90 денари, а пиперките се продаваат по 250 денари за килограм.

Блажо Витанов, менаџер за продажба од „Империал фуд“, вели дека цените „попуштија“ затоа што Турција ги отвори вратите за извозот, во Албанија има помасовно производство, па ги намали извозните цени, а од таму редовно купуваме, и истовремено веќе почна да стигнува домашното производство.

– Доматот што се увезува, во зависност од квалитетот е со цена од 80 до 100 денари на големо, а на краставиците цената на големо е од 60 до 80 денари за еден килограм. Цените што можеа да се видат на пазарите од 70 и 80 денари се за домати од домашните оранжерии. И домашните производители на домати имаат извоз и ги извезуваат доматите од прва класа, додека оние што се втора ги пуштија по пониски цени – вели Витанов.

Претседателот на Здружението „Вегефреш“ Драган Памуков вели дека секогаш кога стигнува домашното производство цените паѓаат, но вели дека недостига добро менаџирање на извозот и дека сегашните цени по кои продаваат домашните земјоделци се неисплатливи.

– Економската состојба на граѓаните е таква што тие не може да платат повеќе. Но, од друга страна, не знам како плаќаат домати по 150 денари зиме, а сега е скапо да дадат 70 денари. Овие цени по кои продаваат домашните производители се нереални ако се земе предвид дека ова производство е од оранжерии што се загреваат – вели Памуков.

Тој вели дека особено опасна мерка за земјоделците, но и за опстанокот на земјоделието би било замрзнувањето на цените на земјоделските производи.

– Се спомена и замрзнувањето на цените на земјоделските производи, но тоа би го колабрирало земјоделието. Зошто не се направи еден акциски план за развој на земјоделието? Зошто не се направат мерки за намалување на цените на репроматеријалите, така ќе стигнеме до пониски цени. Земјоделството е единствена „фабрика“ во која државата нема додатни трошоци. За малите и средни претпријатија дава субвенции за струја, дава евтини кредити и низа други мерки. Да, има субвенции во земјоделството, но 50 евра за декар во раноградинарството е смешен износ. Ако не се преземе нешто, за три до пет години и во сред лето ќе видиме увезени производи и високи цени – вели Памуков.

Македонија е високо увознозависна земја од прехранбени производи. Увозот на храна, живи животни и животински и растителни масти и масла во 2022 година бил 984 милиони евра, а извозот изнесувал 473 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот