ЗГОЛЕМЕНА МИНИМАЛНА ПЛАТА „ДА“: На рака или на трансакциска?

фото: Слободен печат/Д. Митрески

По одлуката на Владата веќе од декември минималната плата да биде зголемена на 14.500 денари, следеа различни реакции од страна на сите инволвирани во оваа тематика.

Иако по долгите преговори и усогласување меѓу Владата, синдикатите, стопанските комори и работодавачите, Владата ја донесе оваа одлука, сепак се поставува прашањето, дали фирмите ќе можат финансиски да одговорат на оваа одлука или можеби некои од нив ќе треба да ги затворат своите бизниси.

Сојузот на стопански комори на Македонија, во неколку наврати, укажа дека растот на минималната плата и на платите воопшто треба да произлезе од растот на продуктивноста на компаниите и да биде резултат на добрите услови за работа и развој, а не да претставува наметната законска обврска.

– Деловната заедница е за зголемување на платите во услови на зголема продуктивност, без при тоа да го намалуваат бројот на вработени за да можат да го издржат зголемениот трошок. Негативни ефекти од наметнато зголемување на минималната плата може да резултира со затворање на одредени индустрии, односно, особено негативно да се одрази на трудо-интензивните дејности, особено на текстилната, чевларската и кожарската индустрија – изјави за „Слободен печат“ Даниела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија.

Од Стопанска комора на северо-западна Македонија велат дека нивните членки ќе можат да го поднесат овој финансиски товар, но зголемувањето на минималецот ќе биде проблем за трудо-интензивните дејности.

– Ние како Комора учествуваме во расправата за зголемувањето на минималнта плата на 14.500 денари и сметаме дека тоа ќе биде добро за сите вработени. Сите членки кои се во нашата комора нема да имаат никаков проблем со исполнувањето на оваа обврска, затоа што во просек компаниите кои ги застапуваме исплаќаат плати кои се близу просечната плата во државата. Сепак, сметаме дека ова многу ќе влијае на оние индустрии каде што најмногу се исплаќа минималецот, а тоа се текстилната, кожарската и други – ни изјави Извршниот директор на Стопанската комора на северо-западна Македонија, Дриљон Исени.

„Слободен печат“ ги контактираше оние кои најмногу ќе бидат погодени од оваа мерка, а тоа се текстилците. Според нив, платите треба да се зголемуваат, но паралелно со модернизацијата на производството.

– Да, потребно е зголемување на платите, не само во текстилната индустрија, туку воопшто, затоа што треба да биде подобрен стандардот за живеење за сите. Меѓутоа, тоа зголемување на платите треба да биде одржливо, а тоа се постигнува со модернизација на производството. Ние како Здружение секогаш потенцираме дека во овој сектор треба да се доделуваат грантови кои ќе се искорстат за техничко-технолошки развој. Најголем проблем за увозно ориентираните компании е фиксниот девизен курс на еврото во однос на денарот. Потоа како што веќе се споменуваше, големите компании од овој сектор ќе ги превземаат вработените од помалите, затоа што се смета дека тие нема да можат да го издржат овој финансиски товар, но истото се очекува да се случи и со поголемите, затоа што тие ќе требаат сега да исплаќаат бруто минимална плата од 14.500 денари, а додека нето-платата од вработен би требало да биде зголемена на повеќе од 21.000 денари. Сметаме дека оваа мерка требаше да биде уште претходно биде воведена, а не сега, затоа што на подолг рок очекуваме дека ќе има поголеми последици за оваа индустрија – ни изјави претседателката на Здружението на текстилци, Маријана Перковска.

Зголемувањето на минималната плата за 16 отсто што го најави Владата треба да се одмери уште еднаш, велат од Институтот „Фајненс Тинк“.

– Предложеното зголемување на минималната плата на 14.500 денари може да претставува значаен товар за работодавецот кај 2/3 од примателите на минимална плата, додека кај 1/3 ќе помогне за формализација на платата во плико. Препорачуваме дека е потребно фокусирање врз продуктивноста на нископлатените работници и технолошкиот напредок во компаниите кои исплаќаат ниски плати – се вели во ставот на Институтот Фајненс Тинк по објавата дека минималната плата од декември ќе изнесува 14.500 денари.

Одлуката е донесена во согласност со Организацијата на работодавачи, но голем дел од бизнисмените најавуваат откази и клуч на врата. Велат, за помалите фабрики од трудовоинтензивна дејност, исплатата на оваа сума по работник е огромен проблем и удар врз нивните финансии.

– Најголем притисок од порастот на минималната плата ќе имаат трудоинтензивните дејности. Мислам дека пазарот ќе успее да ги прифати вработените од евентуалните затварања на овие помали компании кои не работат директно со клиенти, туку земаат работа преку втора -трета рака и оти овие вработени ќе се вработат во оние конфекции кои ќе обезбедат поголема продуктивност, подобри услови за работа и почитување на работничките права – рече претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров.

Зголемувањето на минималецот е исправен чекор според Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

– Има противници во нашите редови кои тоа нема да можат да го издржат, тоа се трудоинтензивните дејности, и затоа ова треба да биде проследено со сет на мерки за зголемување на продуктивноста – рече Азески.

Власта не направила анализи колку од фирмите ќе имаат неиздржлив товар поради зголемениот минималец. Но, вицепремиерот Кочо Анѓушев тврди дека со оваа мерка власта не врши притисок врз бизнисот, туку ќе му помогне, и преку субвенциите за придонесите, и преку Законот за финансиска поддршка.

– Со ова ние не правиме притисок врз компаниите, напротив, се обидуваме нив да им помогнеме со две мерки, субвенционирање на придонесите и воедно преку законот за финансиска поддршка – вели Анѓушев.

Со новата одлука која ќе стапи во сила во декември, значи дека во јануари околу 90.000 граѓани ќе земат повисока плата за 2.000 денари.

Македонија со највисок минималец во регионот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот