Зголемен ризик од семејно и интимно партнерско насилство во периодот на вонредна состојба

Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство е загрижена поради воведувањето 30 дневна вонредна состојба во земјава за заштита од корона вирусот и препораката сите граѓани кои можат да останат во своите домови како начин за спречување на ширењето на вирусот. Сметаат дека за многу жени, кои се жртви на семејно насилство и на интимно партнерско насилство, во овие моменти домот не е сигурно место на живеење.

-Со овие мерки, жените жртви на насилство и нивните деца (доколку ги имаат) се ставаат во многу тешка и во некои случаи и во животно загрозувачка ситуација. Во држава во која е прогласена вонредна состојба, децата се дома цел ден, се затворени сите кафулиња, ресторани, кафани, затворени се спортските обложувалници, како и сите останати можности за социјални активности, пријателите се дома со своите семејства, затворени се сите места каде може да се канализира агресијата и единствено што останува достапно е семејството, сопругата/партнерката, децата, родителите, велат од Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Добро познат факт е, додаваат,  дека потребата да се поседува моќ и контрола над другите се едни од основните причини за семејното насилство.

-Во оваа ситуација во која сите се чувствуваме повеќе или помалку исплашени поради чувството дека ја губиме контролата над своите животи, насилниците ќе пробаат да ја повратат сопствената контрола преку жртвите. Вонредната состојба не мора да значи зголемување на бројот на случаите на насилство (иако не е исклучено дека може да порасне), но секако значи зголемување на интензитетот на насилството во семејства и врски во кои веќе постоело. Жртвата нема да каде да отиде, не може да избега од насилството со одење на работа, или кај пријатели, и е во текот на целиот ден изложена на насилството, порачуваат од Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Вонредната состојба, според нив, го отежнува пристапот на жртвите до сервиси за помош и заштита.

-Медицинските установи се борат да одговорат на коронавирусот, здравствените системи се преоптоварени, центрите за социјална работа работат со јавувања, што севкупно земено им го отежнува на жртвите пристапот до заштита. Апелираме до сите надлежните институции – Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Министерство за здравство независно од моменталната состојба, да постапат професионално при пријава на насилство и да ги преземат сите мерки што им се на располагање во насока на заштита на жртвата и нејзините деца (доколу ги има). Сите повици за пријава на семејно насилство треба да бидат третирани како највисок приоритет, и да се превземат сите мерки за заштита, посочуваат од Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Ги охрабруваат сите жени кои преживуваат некаква форма на семејно или интимно партнерско насилство да го пријават во институцијата/организацијата во градот во кој живеат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот