Земјотресот во Албанија не го отстрани прашањето за разрешување на Мета

Фото: Профимедиа

И покрај вонредната состојба во која се наоѓа Албанија по катастрофалниот земјотрес, парламентарното мнозинство и опозицијата не го заборавија прашањето за разрешување на претседателот Илир Мета.

Анкетна комисија се состана денеска за да го продолжи мандатот за уште четири месеци, образложувајќи го тоа дека „за да се испита така важна институција, како што е Претседател на државата, потребно е повеќе време” и оти тоа се должи и на „ситуацијата во Албанија по земјотресот”.

Членовите на комисијата сметаат дека е невозможно да ја завршат работата до 8 декември, до кога беше првичниот рок.

– Продолжување на мандатот на комисијата за уште четири месеци е со цел успешно да се заврши оваа работа. Можеби ќе биде потребно повеќе време, но можеби работата ќе ја завршиме порано. Ова е прв случај на истрага за шеф на држава и дај Боже веќе да нема вакви случаи, рече Албан Зенели.

Анкетната парламентарна комисија беше формирана за да ги испита одлуките и пропустите на претседателот Мета во врска со уредбата за одложување на локалните избори кои претходно ги закажа на 30 јуни и уредбата за презакажување на истите за 13 октомври.

Претседателот е под истрага и за други акти поврзани со други пропусти. Мнозинството тврди дека Претседателот го прекршил Уставот, со што тој не се согласува.

Мета неколкупати повтори, а го кажа и пред Венецијанската комисија, која во Тирана беше на почетокот од септември, дека тоа го сторил за да ја спаси земјата од граѓанска војна по информациите добиени од безбедносните структури.

Во официјалниот извештај на Венецијанската комисија се наведува дека Мета не го прекршил Уставот.

По објавувањето на извештајот, Мета во својата реакција наведе дека Претседателот на Републиката жали што во текот на овие четири месеци е потрошена енергија која требало да биде во служба на евроинтеграциите на Албанија и на долгоочекуваната одлука за отворање преговори за пристапување кон ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот