„Земјотрес“ во Јувентус, ултиматум на Роналдо
Во таборот на Јувентус не можат да се помират со фактот дека походот кон титулата во Лигата на шампионите го завршија уште во четвртфиналето.
Атмосферата во соблекувалната е на најниско ниво, а првата ѕвезда на тимот, Кристијано Роналдо е бесен поради елиминацијата од Ајакс и размислува да си замине од клубот доколку не се случат големи промени во летниот преоден рок, пренесуваат италијанските медиуми.
Роналдо е лут на тренерот Масимилијано Алегри поради лошата тактика во реваншот со Ајакс на кој Јувентус имаше сè во свои раце, имаа поволен резултат (1:1) од првиот дуел, и играа на домашен терен. Тој не може да сфати зошто Алегри се одлучи за дефанзивен пристап против Ајакс, а исто така е лут и поради тоа што Кансело беше оставен на клупата за резерви иако тој беше еден од најдобрите играчи на првиот натпревар во Амстердам.
Според медиумите во Италија, Роналдо побарал промени во тимот за наредната сезона, а прв на неговата „листа за отстрел“ е тренерот Алегри и доколку тоа не се случи се заканил дека ќе го напушти Јувентус.
Управата веднаш реагира на ултиматумот на Роналдо и започнала преговори со Интер за размена, во која Пауло Дибала би заминал во Милано, а во обратен правец би дошол Мауро Икарди.