Земјоделието треба да се преструктуира и да ги искористиме парите од ЕУ

Фото: zelenaberza.com.mk

Македонија треба да се усогласи со голем број обврзувачки правила, а што е многу важно, треба да се усогласи и со заедничката земјоделска политика на ЕУ. Додека тече тој процес, има можност за пари од разни фондови

Во преговорите со ЕУ, агросекторот ќе биде еден исклучително голем предизвик, оцени Стопанската комора, која е активно вклучена во сите фази по одржаната Меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и Европската комисија. Во рамките на Кластер 11, кој е за земјоделие и рурален развој Македонија треба да се усогласи со голем број обврзувачки правила, а што е многу важно треба да се усогласи и со заедничката земјоделска политика на ЕУ.

Од Стопанската комора алармираат земјоделството што е можно побрзо да се преструктуира и максимално да се искористат европските пари што се на располагање во претпристапниот процес.

– Како Стопанска комора упативме две барања до Европската комисија: постепено отворање на структурни фондови и зголемување на ИПА-средствата. Особено е важно и ние како Комора, а и државата, да се погрижиме за да обезбедиме конкурентност на нашиот земјоделскиот сектор. Во делот на земјоделието имавме серија барања од Европската комисија заради воспоставање на потребната инфраструктура, а тоа се однесува, на пример, на референтни лаборатории, уништување на стоката и слично, за кои Европската комисија нема отстапки. Потребна е дополнителна техничка помош, „ноухау“ трансфер на знаење – вели Јадранка Аризанкова од Стопанската комора.

Нејзиниот колега Васко Ристовски вели дека еден од најголемите ограничувачки фактори на нашето земјоделство се малите и расцепкани парцели.

– Поголем дел од земјоделските парцели се во рацете на мали земјоделски стопанства што не се способни да генерираат доволен приход за пристоен стандард и за развој на производството на фармата. Затоа е важно да се консолидира земјиштето. Ова особено е важно за државното земјоделско земјиште. Доколку државата не го направи тоа во процесот со преговори со Европската Унија, или ако не обезбеди дополнителен трансакциски период, истото по завршувањето на процесот на преговори, ќе биде откупено од странските компании по далеку пониски цени на штета на домашни производители – објасни Ристовски.

Тој потенцираше дека состојбата во агросекторот станува специфична и поради климатските промени и рече дека мора брзо да се реагира.

– Индија го забранува извозот на бел ориз, плантажите на портокали во САД се уништени од торнадата. Истото се случи со маслинките во Шпанија, дождовите уништија плантажи со какао во Африка. Каде е тука Македонија и дали државата веќе доцни со дефинирање на нова земјоделска стратегија? – прашува Ристовски.

Тој посочи дека новата стратегија треба да се однесува на нови сорти, нови видови обработка, поголеми површини што се наводнуваат…

-Остануваат некои работи што треба да си ги завршиме како задача и да го подготвиме секторот за влез во ЕУ , вели Ристовски.

– Доколку сакаме да развиваме економија и прехранбен сектор, ќе треба да ги изедначиме условите за работа со оние на ЕУ, да ги усогласиме нашите правилници и закони со нивните, да ги усогласиме царинските давачки и тоа пред сè во делот на суровините што не ги произведуваме, или ги имаме во мали количини. Додека ЕУ развива пазарно стопанство, кај нас се форсира договорно, кое оди на товар на големите извозни компании, купувајќи социјален мир. Македонското село е во исклучително лоша состојба и треба да се вложува во младите што сакаат да се занимаваат со земјоделството – да се даваат кредити со олеснети услови за развој на семејна фарма, да се гради инфраструктура и да има дополнителни субвенции за останување во село. Концептот паметно село веќе одамна егзистира во ЕУ – посочи Ристовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот