Земјите на ЕУ се уште се двоумат: Дали да се воведе летно или зимско сметање на времето?

Во 2018 година, Европската комисија спроведе онлајн анкета на која својот став го искажаа 4,6 милиони учесници. Мнозинството од нив побараа да се запре промената на времето, потсетува Дојче веле.

Сепак, до денес не е постигнат консензус меѓу земјите на ЕУ за тоа време да се воведе – летно или зимско сметање на времето.

Неколку европски земји веќе се откажаа од промена на времето. Исланд, на пример, последен пат ги помести стрелките на часовникот во 1968 година. За земјите во регионите на Арктикот, промената на времето навистина нема многу смисла, бидејќи на врвот на летото и зимата е тешко да се зборува за ден и ноќ. Белорусија не го менува времето од 2011 година, а Русија – од 2014 година.

САД следат своите правила. Летното сметање на времето таму веќе започна, стрелките на часовникот беа поместени на 14 март. Така ќе остане до 7 ноември, т.е. летното време ќе заврши една недела подоцна отколку во Европа.

Преминувањето од зимско во летно време скусува еден час од нашиот сон. Тоа влијае не само на нашите часовници, туку и на нашиот дневен ритам и здравје. По промената од зимско во летно сметање на времето, ќе биде подолго темно наутро, а навечер подолго ќе биде светло. Под овие околности, некои луѓе, особено деца и стари лица, често се жалат на несоница и губење на апетит. Истражувањето на институтот Форса покажува дека 24 проценти од над 1.000 испитаници имале здравствени проблеми поради промената на сметањето на времето.

Најчесто пријавени симптоми се замор и исцрпеност (85 проценти). Ова е проследено со проблеми со спиењето (70 проценти) и тешкотии во концентрацијата (48 проценти). Дванаесет проценти од оние кои имале здравствени проблеми поради поместувањето на часовникот изјавиле дека се во депресивна состојба.

Во моментов со ЕУ претседава Португалија. На прашањето дали оваа земја ќе го стави проблемот на разгледување во текот на своето претседателство, нема одговор, посочува Дојче веле. Мнозинството Германци веќе имаат загубено верба: 63 проценти од испитаниците го имаат отпишано решавањето на ова прашање во догледно време, покажува истражувањето на институтот Форса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот