Земјите членки без забелешки за новата методологија

Од ниту една земја членка немало дополнителни барања за новиот механизам, што е сигнал дека таа може да помине на самитот што ќе се одржи на 26 март.

Министрите за надворешни работи на ЕУ, на состанокот на Советот за општи работи во Брисел, немале никакви забелешки или резерви за новата методологија за проширување што ја претстави еврокомесарот Оливер Вархељ.

Како што се дознава од Брисел, од ниту една земја членка немало дополнителни барања за новиот механизам, што е сигнал дека таа може да помине на самитот што ќе се одржи на 26 март. Сега се чекаат новите извештаи за Македонија и за Албанија, врз чија основа земјите членки на ЕУ ќе ја носат дефинитивната одлука дали ќе го стават во „погон“ новиот механизам за преговарање, односно покрај тоа што ќе ја усвојат методологијата, ќе донесат и одлука да почнат преговори за членство со двете држави.

Она што може да ја расипе атмосферата и да ја одложи одлуката се локалните избори во Франција идниот месец, над кои виси можноста од пробив на Марин Ле Пен, што може да ја разниша самодовербата на претседателот Емануел Макрон.

Исто така, како можен повод за одлагање се посочува и расправата за буџетот на ЕУ и притисокот врз Холандија да попушти и да прифати зголемување на средствата што се издвојуваат за трошоците на Брисел, што може повторно да го направи проширувањето предмет на пазарење.

Според она што се дознава од ЕУ, во холандскиот парламент, на Комисијата за европски прашања, веќе се расправало за Македонија и за Албанија, при што за нашата земја била искажана поддршка, а за Албанија ставот бил да се почека извештајот на Европската комисија и што стои во него. Позицијата на официјален Хаг треба да биде дефинирана и потврдена на пленарна седница во март.

Инаку, по едно одлагање, најавите сега се дека извештајот за напредокот на Македонија, како и тој за Албанија, ќе биде објавен в понеделник или во вторник. Бидејќи Германија, Франција, Италија, Грција и други земји членки сакаат одлука во пакет за двете земји, за да не се повтори ситуацијата од минатиот пат, сега се бара формула како и двете земји да добијат позитивен сигнал, а сепак одлуката да се разликува. (С.Ј.)

Набљудувачите на ОБСЕ во Македонија од понеделник

Тимот на ОБСЕ што ќе ги следи изборите во Македонија, почнува со мисијата од понеделник. Се очекува викендов да допатуваат претставниците на долгорочниот тим што ќе го подготви теренот за целата мисија.

Според најавите од ОДИХР од Варшава, планирано е изборите да ги следат 20 долгорочни набљудувачи и 250 краткорочни.

На претходните претседателски избори ОБСЕ испрати меѓународна мисија од околу 150 набљудувачи од 32 земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот