Земаат плата, а не клатат ни врата

Дваесет вработени во Министерството за здравство воопшто не доаѓаат на работа и си земаат плата, а 22 лица само повремено се појавуваат на работното место, утврдиле државните ревизори во контролата на работата на ова министерство за 2017 година.

Тие го прочешлале системот на внатрешни контроли во врска со исплатата на плати и утврдиле дека Министерството за здравство (МЗ) нема процедура за пресметка и исплата на плати со дефинирани надлежности и одговорности на лицата во процесот.

„Не функционираат воспоставените внатрешни контроли кои треба да спречат ризик од исплата на плата врз основа на присуство на работното место пократко од предвиденото. Со увид во листите на редовност во системот за евиденција на работното време за четири месеци утврдивме дека 20 лица воопшто не се евидентирале во системот, а за 22 лица констатиравме дека само повремено се регистрираат, со периоди на отсуство од работното место кои траат и над еден месец. Пресметката на платата се врши врз основа на прегледи доставени од раководителите на секторите, кои не кореспондираат со податоците од електронските листи за редовност. Ваквиот начин не е во согласност со Законот за работни односи и создава ризик исплатените плати да не се резултат на реално одработени часови и присуство на работното место“, напишале ревизорите.

На Министерството му е дадена препорака да ја донесе процедурата за пресметка и за исплата на плати, која треба да се темели на податоците од електронската евиденција на работното време и сите вработени да ги регистрираат своите отсуства и присуства на работното место!

Утврдено е и дека во МЗ има лица што се ангажирани во континуитет од една година на работни места кои не се систематизирани.

„Министерството во 2017 година исплатило 95.000 евра за ангажирање 16 лица по договор на дело како и 47 лица за кои се исплатени 111.000 евра. Лицата се ангажирани во континуитет од една година на работни места што не се систематизирани во актот за систематизација. Не постои конзистентност, ниту критериуми во висината на надоместоците за извршена работа во склучените договори за дело и тие варираат од 20.000 до 60.000 денари месечно, а забележавме и појава за исти работни позиции да се исплаќа различен надоместок за различни ангажирани лица“, се вели во извештајот.

Ревизорите утврдиле и дека на докторите што се на специјализација во странство им се признаваат трошоци според одлука што во тој момент не била во важност.

– Не се предвидени унифицирани износи на надоместоци кои им се признаваат на упатените лекари, поради што во текот на 2016 и 2017 година се признале расходи во различни износи за истоветни трошоци настанати во ист период и во исто место на едукација (курс за јазик, сместување за време на подготвителни активности, провизија за обезбедување на сместување и депозит за сместување). Ова создава ризик од субјективно одлучување за висината на трошоците што им се признаваат на лекарите – констатира ревизијата.

Исто така, вообичаено Министерството за здравство одобрува подготвителни трошоци за специјализација до шест месеци, но на четворица лекари им е продолжен рокот за 14 односно 18 месеци при што се исплатени дополнителни трошоци од 40.000 евра, а ревизијата не била во можност да ја процени основаноста на овие исплати бидејќи МЗ не дало објаснувања зошто се продолжени роковите.

Колку автомобили има Министерството за здравство?

По увидот во извршениот попис, ревизијата утврдила неусогласување на   материјалната и сметководствената евиденција во износ од 136.000 денари за возилата со кои располага МЗ. Бројот на возила од доставената интерна евиденција која ја води МЗ изнесува 63, во пописната листа бројот на возила изнесува 47, а во материјалната евиденција 39.

„На ревизијата не и се презентирани причините за разликите во бројот и вредноста на набавените возила. Министерството не располага со документ за дадено право на користење на други правни лица“, се вели во извештајот. Исто така, со извршениот увид на материјалното и финансиското сметководство, ревизијата на 31.12.2017 констатирала разлика од 24,7 милиони евра помеѓу материјалната и финансиската сметководствена евиденција која се јавува како резултат на неизвршено евидентирање на дел од набавената опрема во материјалната евиденција и застарениот софтверски систем за материјално работење.

Ревизијата констатирала и дека не е извршено евидентирање на мобилни апарати во износ од 25.000 евра кои МЗ ги стекнало со склучен договор за користење на мобилни телефонски линии и не се презентирани информации во врска со бројот на мобилни телефони што се добиени како субвенција од мобилниот оператор. Министерството нема практика да ги задолжува вработените со реверси за телефоните што им се доделени на користење. „Прекината е практиката за вршење попис на вакцините од страна на ЈЗУ задолжени за менаџирање со нив, односно за доставување пописни листи до МЗ за нивната состојба“, вели ревизијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот